ИРАН ВОЗНЕМИРЕН Итно барање до Катар за заробените пилоти, се вмеша и Црвениот крст

Техеран тврди дека пилотите се во лоша здравствена состојба и бара итно да бидат префрлени од „пловечка болница“ на копно.

ИРАН ВОЗНЕМИРЕН Итно барање до Катар за заробените пилоти, се вмеша и Црвениот крст
Фото: Принтскрин

Иран побара од Катар итно да ги префрли на копно пилотите за кои Техеран тврди дека се притворени во земјата и дека се наоѓаат во лоша здравствена состојба.

Мохамед Бакерзаде, командант на Комитетот за потрага по исчезнати лица при Генералштабот на иранските вооружени сили, изјави дека пилотите се задржани на локација во вода која не е соодветна за нивната здравствена состојба. Тој побара да бидат префрлени во соодветна болница на копно.

Бакерзаде истовремено упати апел до Меѓународниот комитет на Црвениот крст да испрати медицински авион во Катар, со цел да се забрза лекувањето и враќањето во Иран на повредените и болните пилоти.

Иранскиот функционер соопшти и дека Техеран ја поздравува подготвеноста на Катар да прими ирански тим експерти кој би ја проверил состојбата на пилотите и би добил информации за нивниот случај.

Случајот, сепак, е проследен со спротивставени тврдења. Иран тврди дека Катар држи пилоти кои биле соборени во март, додека официјална Доха негира дека има живи ирански пилоти во притвор. Катар соопшти дека при потрагата по еден од пилотите биле пронајдени неговите посмртни останки и дека Техеран бил контактиран за нивно предавање.

CATEGORIES
Share This