ПЕТ НАГРАДИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ ВО САРАЕВО – „17“ и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ го освоија фестивалот

Филмот „17“ на Косара Митиќ освои четири признанија, меѓу кои и „Срце на Сараево“ за најдобра актерка за Ева Костиќ, додека Дина Дума доби награда за младински перспективи.

ПЕТ НАГРАДИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ ВО САРАЕВО – „17“ и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ го освоија фестивалот
Фото: Принтскрин

Македонската кинематографија забележа голем успех на 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал, кој заврши синоќа. Двата македонски филма во официјалната програма – „17“ на Косара Митиќ и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума освоија вкупно пет награди.

Најголем успех постигна дебитантскиот долгометражен филм „17“ на Косара Митиќ, кој се закити со четири признанија: Специјалната награда за промовирање на родова еднаквост, наградата „Cineuropa“, наградата „UniCredit“ од публиката, како и една од главните фестивалски награди „Срце на Сараево“ за најдобра актерка, која ѝ припадна на Ева Костиќ.

Жирито, предводено од британската актерка Емили Вотсон, а во кое членуваше и македонската актерка Сара Климоска, ја пофали Костиќ за нејзината изведба во улогата на Сара.

„17“ во Сараево ја имаше регионалната премиера, по која беше проследен со долг аплауз и стоечки овации. Филмот, инспириран од вистински настан, ја следи 17-годишната Сара, која за време на матурската екскурзија се обидува да ја сокрие својата бременост од соучениците.

Преку интимната приказна, филмот ги отвора темите на траумата, тишината, изолацијата, женската солидарност и созревањето. Остварувањето и неговите автори добија позитивни критики и од британскиот „Screen Daily“, кој ја истакна изведбата на дебитантот Ева Костиќ во драмата.

Второто македонско остварување, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума, ја освои Специјалната награда за младински перспективи.

Жирито оцени дека филмот нуди автентичен приказ на младоста и на можноста поединците да дејствуваат во маргинализирани заедници, спротивставувајќи им се на стереотипите и општествените очекувања.

Приказната ги следи сестрите Адела и Зара, кои растат во ромско семејство, во средина обележана со економска неизвесност, семејни предизвици и општествени ограничувања. Преку нивниот живот, филмот ги обработува темите на женското растење, слободата, солидарноста и правото на сопствен избор.

Од Агенцијата за филм оценија дека петте признанија се потврда за квалитетот, авторската сила и меѓународниот потенцијал на современата македонска кинематографија, како и за значењето на континуираната институционална поддршка за развојот и промоцијата на македонскиот филм.

На 32. Сараевски филмски фестивал, наградата „Срце на Сараево“ за најдобар филм му припадна на „Секој пат“ на Сандра Волнер. „Планина“ на Билјана Туторов и Петар Гломазиќ беше прогласен за најдобар документарец, додека наградата за најдобра режија ја освои Ана Урушадзе за „Споредна улога“. За најдобар актер беше прогласен Адриан Ванчица за филмот „Ти не припаѓаш овде“ на Флорин Шербан.

На фестивалот светска премиера имаше и документарниот филм „Добри луѓе“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски.

CATEGORIES
Share This