ПО 40 ГОДИНИ ПРИЛЕП ПОВТОРНО ЌЕ ДОБИЕ МОНУМЕНТАЛНИ СКУЛПТУРИ Делата ќе го променат изгледот на градот

Уметноста излегува од галериите и се сели на улиците – новите скулптури ќе станат дел од секојдневието на прилепчани.

ПО 40 ГОДИНИ ПРИЛЕП ПОВТОРНО ЌЕ ДОБИЕ МОНУМЕНТАЛНИ СКУЛПТУРИ Делата ќе го променат изгледот на градот
Фото: Принтскрин

Прилеп добива нова културна и урбана димензија преку поддршката на 18-тата Ликовна колонија „Марко Цепенков“ – Дрен, годинава со посебен акцент на создавање монументални скулптури.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека проектот има особено значење за градот, бидејќи по повеќе од четири децении повторно се создаваат скулптури од ваков обем.

„Прилеп го градиме со инфраструктура, а го оживуваме со култура, идеи и дела кои оставаат трага“, порача Проданоски.

Предвидено е скулптурите да не останат само во галериски простори, туку да бидат поставени на јавни локации и да станат дел од секојдневниот живот на прилепчани и од современиот урбан изглед на градот.

Општина Прилеп годинава за првпат обезбеди финансиска поддршка за Ликовната колонија, со што, според Проданоски, се потврдува определбата развојот на градот да се темели не само на инфраструктурата, туку и на културата, уметноста и создавањето трајни вредности.

Градоначалникот упати благодарност до уметниците, Центарот за култура и организаторите, како и до менаџментот на Тутунскиот комбинат за соработката и отстапениот простор. Благодарност упати и до Министерството за култура и туризам за континуираната поддршка.

„Она што го создаваме денес е наследство што ќе остане за идните генерации“, истакна Проданоски.

Со реализацијата на проектот, монументалната уметност повторно се враќа во јавниот простор на Прилеп, збогатувајќи го градот со нови уметнички содржини и дела со трајна културна и визуелна вредност.

CATEGORIES
Share This