НОВ ПРЕСЕК Просечната плата достигна 48.381 денар, кој сектор доби најголемо зголемување
Просечната нето-плата во јуни пораснала за 6,4 проценти на годишно ниво, но во однос на мај во неколку сектори е забележан значителен пад.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни годинава изнесувала 48.381 денар, што претставува раст од 6,4 проценти во споредба со истиот месец лани, соопшти Државниот завод за статистика.
Најголем придонес во зголемувањето имаат неколку сектори. Просечната нето-плата во административните и помошните услужни дејности пораснала за 10,6 проценти, во земјоделството, шумарството и рибарството за 8,1 процент, а во транспортот и складирањето за 8 проценти.
Сепак, во споредба со мај годинава, во дел од секторите е регистриран пад на просечната исплатена нето-плата.
Најголемо намалување од 9 проценти има кај трговијата на големо и мало, како и поправката на моторни возила и мотоцикли. Следуваат уметноста, забавата и рекреацијата, со пад од 6,2 проценти, и снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде просечната нето-плата е намалена за 5,9 проценти.

