МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ДО БРИСЕЛ Педа по педа ќе повратиме што може да се поврати – еве што е црвената линија
Премиерот вели дека разговорите за евроинтеграциите продолжуваат, но предупредува дека Владата има црвени линии и дека секој следен чекор ќе биде внимателно анализиран

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека разговорите за изнаоѓање решение за продолжување на евроинтегративниот процес ќе продолжат, но нагласува дека Владата има јасно дефинирани позиции и црвени линии.
„Нема никаква дилема дека ќе разговараме, разговараме и сме разговарале со цел да бараме решение за евроинтеграциите. Прашањето е што разговарате и која е вашата црвена линија до која вие одите во тие разговори“, рече Мицкоски во телевизиско гостување.
Тој оцени дека претходната Влада ја оставила државата со, како што ја нарече, „комплетно предавничка и губитничка“ позиција, врз основа на преземените обврски.
„Од таму почнуваме и се обидуваме педа по педа да повратиме нешто што може да се поврати. Така што, ќе продолжиме да разговараме“, истакна премиерот.
Според него, покрај решавањето на домашните проблеми и предизвици, актуелната Влада се соочува и со значајни надворешнополитички прашања.
„Оваа Влада, покрај тоа да се грижи да ги реши домашните проблеми и домашните предизвици, треба да успее да ги реши и меѓународните, односно надворешните предизвици, кои се многу поголеми, имајќи ја предвид позицијата каде што почнавме. Сто спрема нула беше изгубена позицијата која ни ја остави претходната Влада“, рече Мицкоски.
Во однос на можноста Македонија да биде дел од истиот процес на проширување со Црна Гора и Албанија, премиерот порача дека одговорот на предизвиците треба да биде засилена реализација на реформите предвидени со Реформската агенда.
Мицкоски се осврна и на периодот од 2018 година, кога, според него, од европски дипломати било уверувано дека промената на уставното име ќе овозможи Македонија да напредува со забрзано темпо кон членство во НАТО и Европската Унија.
„Нè убедуваа дека прозорецот е отворен, дека сега е моментот, дека ние сме фронтранери во регионот и дека, ако го прифатиме овој залог, веднаш стануваме земја членка на НАТО. Ни беше кажувано и дека во рок од четири-пет години ќе ги завршиме преговорите и ќе станеме членка на ЕУ. Тие четири-пет години поминаа пред две-три години, а ние сè уште се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 21 година – со статус кандидат“, рече тој.
Токму затоа, според премиерот, потребен е внимателен пристап кон секоја наредна одлука.
„Треба неколку пати да се размисли пред да се направи каков било чекор, да се анализира, за да се повлече потег. Ние на овие предизвици треба да одговориме со засилена испорака на реформи“, порача Мицкоски.
Говорејќи за европската перспектива, тој оцени дека геополитичката состојба е сложена и дека не е извесно колку долго проширувањето ќе остане високо на агендата на европските лидери.
Според неговото гледиште, интересот за проширувањето во значителна мера е зголемен поради војната во Украина, при што во поширокиот контекст е опфатен и Западен Балкан. Сепак, Мицкоски предупреди дека европските земји се соочуваат со сопствени политички и економски предизвици.
Како пример ја посочи Германија, каде што, според него, претстојните покраински избори и растот на поддршката за Алтернатива за Германија може да влијаат врз политичките приоритети на земјата.
„Не сум сигурен дали тогаш апетитот за проширувањето сè уште ќе биде присутен или фокусот ќе биде кон домашните предизвици“, рече премиерот.
Тој ја спомена и Франција, каде што, според него, политичките случувања и подготовките за претседателските избори можат дополнително да влијаат врз европската политика за проширувањето.
Мицкоски посочи дека политиките на десничарските сили во Франција се познати во однос на проширувањето на ЕУ, а потсети и на француските уставни механизми поврзани со приемот на нови земји членки.
Заклучокот на премиерот е дека Македонија треба да продолжи со реформите, но истовремено внимателно да ги штити своите позиции во разговорите со европските партнери.
„Нема импровизации и нема брзоплети одлуки. Секој чекор треба добро да се анализира и да се направи во интерес на државата“, порача Мицкоски.

