ЧЕШКА СО ПОРАКА ДО МАКЕДОНИЈА Ќе направиме сè што е потребно за да влезете во ЕУ
Мацинка порача дека Прага е подготвена да помогне и во изнаоѓањето прифатливо решение меѓу Скопје и Софија.

Чешка е подготвена да помогне во процесот на европската интеграција на Северна Македонија и да придонесе за надминување на спорот со Бугарија, порача чешкиот министер за надворешни работи Петр Мацинка по средбата со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски во Охрид.
Мацинка истакна дека членството на Северна Македонија во Европската Унија е приоритет за Чешка и оти Прага е подготвена да го сподели своето искуство од пристапниот процес. Според него, ЕУ има силен интерес за проширување и за отстранување на преостанатите пречки пред напредокот на земјава.
Чешкиот министер посочи дека Прага може да помогне во изнаоѓање прифатливо решение меѓу Скопје и Софија, нагласувајќи дека спорот веќе не е само билатерално прашање, туку е дел од европскиот процес и за него е потребен консензус.
Мацинка најави дека прашањето би можело да биде разгледано и за време на претстојната посета на чешкиот премиер Андреј Бабиш на Бугарија.
Од своја страна, Муцунски порача дека Северна Македонија е подготвена да ги спроведе потребните реформи и да ги исполни европските стандарди, но очекува процесот да биде кредибилен, предвидлив и заснован врз резултати и однапред утврдени критериуми.
Тој нагласи дека земјава не бара привилегиран третман, туку фер и европски процес. Воедно, посочи дека прашањата поврзани со македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културата не може да бидат предмет на преговори или услов за напредокот кон ЕУ.
На средбата биле разгледани и можностите за продлабочување на економската соработка, трговијата и инвестициите, како и соработката во инфраструктурата, енергетиката, туризмот, земјоделството, културата и образованието.
Муцунски оцени дека Чешка е значаен европски и евроатлантски партнер на Северна Македонија и ја нагласи нејзината континуирана поддршка за европската перспектива на земјава.
Двајцата министри разговарале и за безбедносни прашања, при што ја истакнале заедничката одговорност на двете НАТО-сојузнички за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста во Европа и Западен Балкан.

