УЕФА ГО МЕНУВА ФУДБАЛОТ Ново правило за повредените играчи ќе важи и во Македонија
Судиите добија јасни инструкции – фудбалерите кои ќе лежат на теренот може да мора да паузираат 60 секунди, а четвртиот судија ќе го мери времето.

УЕФА испрати циркуларен допис до сите свои членки, меѓу кои е и Македонија, со нови насоки за постапувањето на судиите во ситуации кога фудбалери ќе се пожалат на повреда за време на натпревар. Новите правила треба да се применуваат и на домашните натпревари што се во организација на националните фудбалски федерации.
Според инструкциите од европската куќа на фудбалот, во одредени ситуации повредениот играч ќе мора да го напушти теренот и да паузира најмалку една минута.
Ако повредата влијае врз играта, судијата може да го прекине натпреварот пред некој од играчите да ја исфрли топката. Во тој случај, фудбалерот што останал да лежи на теренот мора да излезе и да остане надвор една минута.
Доколку соиграчот ја исфрли топката во аут или гол-аут, а на теренот има повреден играч, играта се прекинува, а фудбалерот мора да го напушти теренот и да паузира 60 секунди.
Поинаква е ситуацијата кога противникот ја исфрла топката во аут. Ако повредениот фудбалер стане, судијата може да процени дека нема потреба да го испраќа надвор од теренот, со цел да се спречи противничкиот тим намерно да ја исфрла топката за да предизвика едноминутна пауза на играчот.
Сепак, доколку судијата процени дека фудбалерот намерно паднал или симулирал повреда за да предизвика прекин, може да го испрати надвор од теренот, каде што ќе мора да помине една минута.
За времетраењето на паузата се задолжени четвртите судии. Тие ги мерат 60-те секунди и, во координација со главниот судија, даваат сигнал кога фудбалерот може повторно да влезе во игра.

