УКИМ ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ ЗА 8.851 БРУЦОШ Проверете дали сте меѓу оние што можат да се запишат

Во тек е првиот уписен рок на 23 факултети – еве колку чини школарината, каде има најмногу места и кога ќе бидат објавени конечните ранг-листи.

УКИМ ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ ЗА 8.851 БРУЦОШ Проверете дали сте меѓу оние што можат да се запишат
Фото: Принтскрин

Се одржува првиот уписен рок за новите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје за академската 2026/2027 година.

На 23 факултети на УКИМ годинава има вкупно 8.851 слободно место за бруцоши. Од нив, 4.395 се наменети за редовни студенти финансирани од државниот буџет, 3.621 за редовни студенти со кофинансирање, а 835 места се за вонредни студенти.

Најголем број места има на Медицинскиот факултет – 950, потоа на ФИНКИ – 800, додека ФЕИТ и Машинскиот факултет имаат по 600 места. Значаен број слободни места има и на Природно-математичкиот, Економскиот, Правниот, Филозофскиот и Филолошкиот факултет.

Наставата за новата академска година е предвидено да започне на 1 октомври. Конечните ранг-листи ќе бидат објавени на 27 август, а запишувањето на примените кандидати ќе се врши на 3 и 4 септември.

За оние кои нема да успеат во првиот рок, вториот уписен рок е закажан за 10 и 11 септември, додека третиот рок ќе се одржи на 23 септември, доколку останат слободни места на одредени студиски програми.

Школарината за студентите во државната квота изнесува 200 евра во денарска противвредност, додека студентите со кофинансирање и вонредните студенти ќе плаќаат 400 евра.

Кандидатите пред пријавувањето задолжително треба да се регистрираат преку електронскиот систем upisi.ukim.mk, да ја пополнат електронската пријава и да го приложат добиениот број од системот при доставувањето на потребната документација во службата за студентски прашања на избраниот факултет.

Во конкурсот на УКИМ се наведени сите услови за упис, потребната документација, начинот на пресметување на бодовите, како и предметите од државната матура кои се признаваат за секоја студиска програма.

БРУЦОШИ, ПОДГОТВЕТЕ СЕ – Првиот рок за уписи на УКИМ е на 19 и 20 август

CATEGORIES
Share This