ВОЗАЧИ, ВНИМАВАЈТЕ Нови сообраќајни правила и затворени ленти на повеќе патишта

Од Скопје кон Охрид до Гостивар, Штип и Прилеп – на повеќе делници има изменет режим, а за камионите важат посебни ограничувања.

ВОЗАЧИ, ВНИМАВАЈТЕ Нови сообраќајни правила и затворени ленти на повеќе патишта
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта денеска се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата. Посебна претпазливост се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност од појава на одрони. На ова особено треба да се внимава на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.

Изменет режим кај наплатната станица Преод

Од 17 август до 1 октомври 2026 година ќе има изменет режим на сообраќај пред наплатната станица Преод, поради санација на косината на автопатот А4, на делницата Миладиновци–Свети Николе–Штип.

Летен режим и забрани за тешки товарни возила

Патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк „Галичица“ е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.

До 31 август важи летниот режим со забрана за движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони на државните патишта:

  • петок: од 17:00 до 22:00 часот;
  • сабота: од 09:00 до 18:00 часот;
  • недела: од 09:00 до 22:00 часот.

При екстремно високи температури, забраната од понеделник до четврток важи од 11:00 до 17:00 часот.

Исклучок се возилата што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и возила ангажирани на проекти на државните патишта.

На магистралниот пат А2, на делницата Скопје–Охрид–Скопје, до 1 септември важи дополнителна забрана за тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони за време на викендите:

  • петок: од 15:00 до 22:00 часот;
  • сабота: од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот;
  • недела: од 07:00 до 22:00 часот.

Посебниот режим има цел да се намалат сообраќајните метежи кон Охрид, застојот на наплатните станици и да се овозможи побрз проток на возилата во текот на туристичката сезона.

Работи на повеќе патни делници

Поради градежни и санациони активности, на повеќе патишта е воспоставен времен режим на сообраќај.

Во Штип од 6 јули се одвива санација на мостот на реката Брегалница на патот Р1204.

На државниот пат А2, на делницата Гостивар–Стража, се врши санација на мостовите бр. 4 – Вијадукт на Атанасова Река и бр. 7 – Вијадукт на Дол, поради што сообраќајот се одвива под времен режим до завршувањето на работите.

Санациони активности има и на мостовите на А2 на реката Вардар кај село Желино, во двата правци, Скопје–Желино и Желино–Скопје.

На автопатот А1, на делницата Смоквица–Гевгелија, се изведуваат активности за премин на интерконективен гасовод под автопатот, поради што е поставена соодветна сигнализација за времен режим.

На скопската обиколница, на А2, се врши рехабилитација на делница во должина од околу 250 метри, од клучката Волково до клучката Кондово. Затворена е левата сообраќајна лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по средната и десната лента.

Времен режим е воспоставен и на регионалниот пат Р1202, на делницата Косоврасти–Мелнички Мост, поради санација на свлечиште.

Во рамки на изградбата на Коридорот 10Д, во тек е и времен режим на патниот правец Прилеп–Битола. Сообраќајот се пренасочува по регионалниот пат Прилеп–Битола, на делницата од клучката Лагово до Тополчани.

Од АМСМ повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно и да ја почитуваат поставената сигнализација.

CATEGORIES
Share This