ЗАПАДНО-НИЛСКАТА ТРЕСКА СЕ ШИРИ 35 потврдени случаи, шест лица во критична состојба
Три случаи дополнително се дијагностицираат, 15 пациенти се излекувани, а министерот Клековски предупредува на активната состојба во регионот и појавата на случаи во пограничните подрачја со Грција.

Во земјава во моментов има 35 потврдени случаи на западно-нилска треска, додека три случаи се суспектни и се во процес на дијагностицирање. Шест пациенти се во критична состојба и се лекуваат на интензивна нега на Клиниката за инфективни болести.
Министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција информираше дека најголем дел од пациентите со потврдена инфекција се згрижени на Клиниката за инфективни болести, додека еден пациент се лекува во приватна здравствена установа.
Досега 15 пациенти се излекувани и се отпуштени од Клиниката за инфективни болести.
Клековски посочи дека Атина во моментов е најактивното подрачје во Европа кога станува збор за западно-нилската треска. Во Грција досега се регистрирани 81 случај со невроинвазивна форма на заболувањето, при што девет лица починале. Случаи се регистрирани и во пограничните подрачја со Северна Македонија.
Според министерот, здравствениот систем е максимално подготвен за дијагностика. Додека во изминатите години се правеле околу 40 анализи годишно, сега се вршат од четири до осум анализи дневно. За конечна потврда на дијагнозата, потребни се два независни теста.
„Здравствените капацитети дијагностички се подигнати максимално“, рече Клековски, додавајќи дека се преземени мерки и за навремено препознавање на симптомите.
Информирани се сите здравствени работници кои можат да дојдат во контакт со пациенти кај кои постои сомнеж за западно-нилска треска. Алертот е подигнат во инфективните одделенија, кај матичните и семејните лекари, на Клиниката за неврологија, како и меѓу невролозите.
Клековски нагласи дека при мапирањето на случаите треба да се прави јасна разлика меѓу местото на живеење на пациентот и местото каде што најверојатно се заразил со вирусот.

