НАСКОВСКИ УДРИ ПО ЛАФЧИСКИ Се меша во синдикатот и ги крши законите, НСПВ најави правна пресметка
Синдикатот на професионалните војници тврди дека до КСЗД била доставувана невистинита документација и дека врз членовите на Комисијата имало притисоци за отфрлање на претставката.

Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, обвинува дека началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, ја злоупотребил функцијата и незаконски се вмешал во работата на синдикатот и неговите претставници.
Според Насковски, до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација била доставена невистинита и незаконска документација со цел да се влијае врз одлуката за претставката поднесена од синдикалниот претставник.
„Генерал-мајор Сашко Лафчиски оди до таму што во име на синдикатот и на претседателот на НСПВ кажува кој е, а кој не е синдикален претставник“, наведува Насковски.
Тој тврди и дека врз членовите на КСЗД бил вршен вербален притисок претставката да биде отфрлена, повикувајќи се на информации добиени од вработени во Комисијата, како и на јавни изјави на поранешниот претседател на КСЗД, Лимко Бејзароски.
Насковски оценува дека со ваквите постапки Министерството за одбрана и Армијата се обидуваат да го опструираат синдикатот, кој, како што вели, јавно ги застапува правата на околу 3.000 професионални војници.
Од синдикатот посочуваат дека пресудата на Граѓанскиот суд, според нив, ги потврдува незаконитостите во постапката за преместување на синдикалниот претставник.
„Синдикатот никогаш не отстапил и нема да отстапи од борбата за подобри права и нема да потклекне на никакви притисоци и влијание“, порача Насковски.
Тој најави дека Независниот синдикат на професионални војници ќе поднесе соодветни правни постапки за утврдување на одговорност за, како што тврди, незаконското постапување на овластено лице од Генералштабот.


(ФОТО) ТЕНЗИИ ВО ОДБРАНАТА – Обвинувања за ‘наменски синдикат’ во МО

