Испорачан првиот резултат од „успешната“ реформа на високото образование во Македонија
Кој пие плаќа - бура во високото образование по одлуката на министерката Јаневска

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски, Виш државен просветен инспектор во пензија
Понеделник, 17 август 2026 година.
Деновиве, на наша огромна радост, актуелната министерка за образование и наука, пред македонската јавност го обзнани првиот резултат од нејзиното двегодишно министерување, а во тој контекст и првиот резултат од процесот на радикална и спротивно на Уставот, реформа на високото образование.
На наше огромно изненадување, на ниво на цивилизациски шок, слично кога човек од планина доаѓа во главен град беше информацијата дека оваа година скратила 2000 места за уписи на факултети на кои според неа има најголем број на невработени, а дипломирани студенти. Толку од универзитетската автономија, наместо деканите на факултетите и тоа државни да излезат во јавноста и да објаснат за потребата и причините за намалување на бројот на студенти кои се запишуваат во академската 2026/2027 година, тоа објаснување гордо го пренесе нивниот порпарол во МОН!
Значи, навистина не се знае кој пие, а кој плаќа? Тектонски поместувања на универзитетските темели, а пред се на поимот универзитетска автономија! Но, овие информации со негативен предзнак актуелната министерка не се непозната равенка и за основното и средното образование. Претходно, таа информираше дека од прилика околу 25 основни училишта ќе се затворат, а на оваа линија беа и нејзините неуспешни експерименти во една гимназија во Битола, каде фијаското беше незапишани средношколци.
Да не се заборави, нејзината јавна промоција на затворањето на 15 научни институти – приватни се разбира! Тоа раѓа сомнеж дека е алергична на приватното образование според начинот на работење и притисокот со инспекции и евалуации! Кај државните факултети цветаат трендафили од Лазарополе! Затоа, и на последното рангирање нашите универзитети ги нема никаде. Но, за 8 години сметано од денот на стартување на реформите ќе не има. Каде и која е гаранцијата дека така ќе биде, знаат само: Весна Јаневска, Елена Ивановска и Борче Алексов од МОН.
Многу чудно, за еден патолог, професор кој треба да има разбирање за општествената патологија, а во таа смисла и за образовната. Затоа што, Весна Јаневска, не дојде за министер од продавница, таа имаше искуство со функционирањето на високото образование, па дури беше и кандидат за Ректор на УКИМ, се разбира во обид и тоа неуспешен обид! А, претходно лидер на ВМРО Народна….
Кои се вистинските причини за намалување на бројката на студенти за 2000 во академската 2026/2027 година? И што сака да и каже министерката Јаневска на Владата на РМ?
Анализа која јавно е објавена не е достапна на веб страницата на Министерството за образование и наука. Исто така, државните факултети не’ информирале во јавноста дека имаат потреба од намалување на бројот на студенти, а врз основа на претходно спроведена анализа.
Дали статистичките податоци на кои се повикува министерката Јаневска, а кои се однесуваат на невработени кадри од правен, економски и други факултети се доволна основа за кратењето на бројката на студенти? Уште покомично е што и да нема кратење, ако навистина недостасуваат студенти, нема да се запишат и штета нема да има никој.
Факултетите имаат добиено акредитација во која се определува и бројот на студенти кои може да се запишат. И досега не се запишувале, но не пропаднале факултетите. Затоа, не ми е јасна поентата да се пофалите со информација дека еве го скративме бројот на студенти кои може да се запишат на државните факултети.
Или, пак не дај Боже, Министерката Јаневска, сака да каже дека младите си заминуваат од државата, наспроти политиката на Владата за враќање на нашите кадри од странство и задржување на младите во нашата Македонија! Има тука некое непромислено однесување на МОН, иако Владата, секојдневно се бори да ги задржи младите и да им помогне да егзистираат во државата, што е за пофалба и честитање.
Оттука, сите негативни пресови кога ќе се стават на едно место, може да се добие впечаток, дека МОН спротивно на Владата има друга перцепција за младите: самото промовирање дека се кратат за 2000 студенти уписите во 2026/2027 година покажува дека младите навистина си заминуваат. Од друга страна, со тоа кратење, министерката им упатува порака на идните студенти дека ќе мора да размислуваат да се запишат во странство и со тоа да се збогуваат во нашата татковина (оние кои поради кратењето на бројката ќе останат незапишани!!!).
Колку е контрадикторна министерката Јаневска во нејзиниот однос кон државните факултети, еве ќе и презентирам со следните факти: минатиот месец на ТВ гостин беше професор од Технолошко-металуршкиот факултет, кој информира дека лани кај нив се запишале само 6 студенти, од кои во втора година продолжиле само 3 студенти! Колку што ме држи паметот, министерката Весна Јаневска пред неколку месеци се закануваше дека ако на студиската програма има помалку од 10 студенти запишани ќе престанала со работа таа студиска програма. Еве и прилика да почне, да си го одржи зборот, не заради нешто друго.
Малку и за Шангајската листа. Таа е главна цел на реформата, да се обезбеди подобра позиција на македонското високо образование како стратешка цел, која е за почит. Но и на Шангајската листа не се вечни позициите. Еве, Белградскиот универзитет оваа година падна и сега се наоѓа во групата универзитети рангирани од 501-600 место. Пред само 10 години, овој универзитет се наоѓаше меѓу 201-то и 300-то место на Шангајската листа. Универзитетот во Љубљана исто забележал пад и сега се наоѓа во групата меѓу 601-то-700-то место. И што сега таму, зарем ќе направаат сеча на факултетите и институтите?
На овие универзитети има регулатива која е одамна етаблирана, но, пак имаат пад. Тоа значи дека не е се во законите, туку во свеста, во човечноста. И да е чудењето поголемо, вие министерке, во вашата реформа кај нас превземате многу законски решенија од овие држави. Па ве прашувам, тоа ли ќе доведе до резултат и до подобрување на состојбите? Секое копирање на закони од развиени држави и нивна примена во други држави, со посебен менталитет и услови е само карикатура со несогледливи негативни последици. Тоа нешто се сомневам дека ќе се случи кај нас.
Ех, министерке, науката не е само гола статистика. Таа е процес, движење, уметност, компромис. Заканите, негативните пресови, негативните информации никому не донеле среќа! Доказ за тоа е апсењето на министерката за образование на Црна Гора, за злоупотреби на службената положба. Затоа, секој да си размисли какви штетни последици предизвикува со своите одлуки и постапувања. До тогаш, на сите Ви посакувам секое добро на овој свет, драги мои!

