ИТАР ПЕЈО СЕ ВРАЌА ВО ПРИЛЕП Два дена смеа, музика и фолклор од три земји
Првиот фестивал „Итар Пејо“ ќе се одржи на 14 и 15 август, со богата програма, музика, фолклор и традиција.

На 14 и 15 август, петок и сабота, во Прилеп ќе се одржи првиот фестивал „Итар Пејо“, посветен на традицијата, народната мисла, сатирата, музиката и фолклорот. Организатор на фестивалот е КУД „Мирче Ацев“, а на дводневната програма ќе настапат фолклорни ансамбли од Македонија, Полска и Словачка.
На прес-конференцијата во НУЦК „Марко Цепенков“, претседателот на КУД „Мирче Ацев“, Горан Василески, истакна дека фестивалот претставува нова меѓународна културна приказна која преку традицијата ги поврзува различните земји и народи.
Фестивалот се одржува под покровителство на Општина Прилеп и НУЦК „Марко Цепенков“. Градоначалникот Дејан Проданоски ги покани граѓаните и сите љубители на фолклорот и традицијата да бидат дел од фестивалските настани, нагласувајќи дека Општината продолжува да ја поддржува културата и да ја збогатува понудата во градот.
Директорката на ЦК „Марко Цепенков“, Марија Попова Јованоска, посочи дека институцијата останува отворена за соработка со културните чинители и за создавање нови настани кои ќе придонесат за побогат културен живот во Прилеп.
Фестивалот ќе започне во петок од 19 часот кај споменикот на Итар Пејо, каде ликот на познатиот прилепски итрец ќе го оживее актерот Игор Трпчески.
Програмата продолжува во сабота со детска работилница, додека вечерта од 19 часот во големата сала на ЦК „Марко Цепенков“ ќе настапат повеќе културно-уметнички друштва, меѓу кои гостите од Полска и Словачка и домашниот КУД „Мирче Ацев“.
Според Василески, гостувањето на ансамблите од Полска и Словачка е можност прилепската публика да се запознае со нивните култури и традиции, но и младите играорци од различни земји да се дружат, да разменуваат искуства и да создаваат нови пријателства кои ги надминуваат границите.
Првиот фестивал „Итар Пејо“ има цел да ја афирмира македонската традиција и фолклор, но и преку меѓународната соработка да ја претстави културната разновидност пред прилепската публика.

