БАЈРАМИ ВО БЕГСТВО, ГРУБИ ВО КУЌЕН ПРИТВОР – ОЈО поднесе обвинение против осум лица
ОЈО Скопје ги товари обвинетите за злоупотреба на службената положба и нанесување штета од 507,6 милиони денари на Државна лотарија при набавката на видеолотариски терминали.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против осум лица, кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ во врска со работењето на Државна лотарија. Меѓу обвинетите се поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
Според обвинението, во текот на 2023 и 2024 година обвинетите преземале заеднички дејствија со кои ги пречекориле своите овластувања и должности, со што, според Обвинителството, на Државна лотарија ѝ предизвикале штета во значителен износ од 507.632.173 денари.
Од ОЈО Скопје наведуваат дека обвинетите биле свесни оти Државна лотарија немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку видеолотариски терминали. Ова право, како што посочуваат обвинителите, во 2013 година било внесено како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра при основањето на Државна видеолотарија, при што Државна лотарија стекнала 51 отсто од основната главнина.
И покрај тоа, на 9 мај 2023 година, првообвинетиот како генерален директор и претседател на Управниот одбор на Државна лотарија доставил информација до генералниот секретар на Владата за преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа. Во информацијата било наведено дека набавката претставува голема зделка, чија вредност изнесувала 42 отсто од сметководствената вредност на имотот на друштвото, а за нејзино одобрување бил надлежен Надзорниот одбор.
Според Обвинителството, генералниот секретар на Владата на 6 јуни 2023 година ја предложил информацијата како дополнување на дневниот ред на владина седница, иако, како што се наведува, бил должен да ја врати до подносителот и да ја препрати до надлежниот орган.
Вториот обвинет, кој, според ОЈО, имал реално влијание врз раководењето со Државна лотарија, претседавал со седницата на Владата во својство на Собрание на Државна лотарија и предложил информацијата да биде усвоена, иако бил свесен дека одлуката не била во надлежност на Владата.
По усвојувањето, Државна лотарија била задолжена да започне активности за самостојно приредување електронски игри на среќа и да спроведе јавна набавка на видеолотариски терминали. Останатите обвинети, кои биле претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека законската процедура не била испочитувана, донеле одлука со која го одобриле започнувањето на јавната набавка.
Набавката потоа била реализирана, а биле преземени обврски за исплата, со што, според обвинението, на Државна лотарија ѝ била нанесена штета од 507.632.173 денари.
Бидејќи првообвинетиот Перпарим Бајрами сè уште е недостапен за органите на прогонот и се наоѓа во бегство, јавниот обвинител побара за него да биде определен притвор во траење од 30 дена, кој би се применувал по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
За Артан Груби е побарано продолжување на претходно определениот куќен притвор, заедно со мерките на претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.
За останатите обвинети Обвинителството предложи мерки на претпазливост, меѓу кои редовно јавување во суд, привремено одземање патна исправа и забрана за приближување, воспоставување или одржување контакти со определени лица.

