КРАЈ НА ХАРТИЕНИТЕ ФАКТУРИ – УЈП го претстави новиот систем е-Фактура

Околу 50 претставници од банкарскиот сектор се запознаа со новиот систем, кој треба да донесе побрзо и поефикасно дигитално фактурирање.

КРАЈ НА ХАРТИЕНИТЕ ФАКТУРИ – УЈП го претстави новиот систем е-Фактура
Фото: Принтскрин

Управата за јавни приходи (УЈП), во соработка со Македонската банкарска асоцијација (МБА), одржа работилница посветена на системот е-Фактура, на која учествуваа околу 50 претставници од банкарскиот сектор.

Целта на работилницата беше банкарските институции навремено да се запознаат со функционалностите и можностите на системот, како дел од поширокиот процес на дигитализација и модернизација на фактурирањето во земјата.

На учесниците им беше презентиран начинот на функционирање на е-Фактура, а преку практичен дел тие имаа можност директно да се запознаат со процесот на користење на системот и креирање електронска фактура.

Од УЈП посочуваат дека вклучувањето на банкарскиот сектор е од особено значење поради неговата клучна улога во електронските и безготовинските плаќања. Навременото информирање за новите дигитални процеси треба да овозможи полесна и поефикасна примена на системот во секојдневното работење.

Работилницата е дел од континуираните активности на УЈП за информирање, практична поддршка и вклучување на сите релевантни чинители во процесот на воведување на е-Фактура. Во изминатиот период биле организирани средби и работилници со шпедитери, општини, јавни претпријатија и компании.

УЈП ја истакна добрата соработка со МБА и активното учество на банкарскиот сектор во процесот на дигитална трансформација.

Во наредниот период продолжуваат активностите за информирање, практична поддршка и тестирање на системот, со цел да се воспостави поефикасен, поврзан и целосно дигитализиран процес на фактурирање.

CATEGORIES
Share This