ГО СПРЕЧИЈА ДА ОДИ НА МУНДИЈАЛОТ Но сега доби историска чест од УЕФА
Омар Артан ќе стане првиот неевропски арбитар кој ќе суди натпревар за европскиот Суперкуп.

Сомалискиот арбитар Омар Артан ќе испише историја в среда во Салцбург, откако ќе стане првиот неевропски судија кој ќе ја добие честа да го води натпреварот за европскиот Суперкуп.
34-годишниот Артан во последните години се наметна како еден од најдобрите африкански фудбалски судии. Тој е првиот Сомалиец кој судел финале во Африканската Лига на шампиони, а беше прогласен и за најдобар машки судија во Африка.
Од УЕФА објаснија дека неговото назначување е дел од договорот за соработка со Африканската фудбалска конфедерација (КАФ), чија цел е продлабочување на соработката и поголема размена меѓу европскиот и африканскиот фудбал.
„Ова е голема чест за Омар Артан, но и за сите африкански судии“, изјави претседателот на КАФ, Патрис Мотсепе.
Артан требаше да биде дел и од Светското првенство, но не доби дозвола за влез во САД, иако поседувал валидна виза. Самиот тој периодот го опиша како исклучително тежок.
Сомалискиот судија е на листата на меѓународни арбитри на ФИФА од 2018 година. Во 2024 година стана и првиот сомалиски судија кој делел правда на Африканскиот куп на нации.
„Верувам дека ако јас успеав, тогаш секој може. Никогаш не престанувајте да сонувате“, порача Артан.
Историскиот натпревар во Салцбург ќе го одиграат европскиот шампион ПСЖ и освојувачот на Лигата на Европа, Астон вила.

