СТРУМИЦА ЌЕ ГОРИ Две светски диџеј-легенди доаѓаат во Македонија на 16 август

Paul van Dyk и Paul Oakenfold ќе настапат во Градскиот парк, а организаторите очекуваат околу 15.000 посетители од целата држава.

СТРУМИЦА ЌЕ ГОРИ Две светски диџеј-легенди доаѓаат во Македонија на 16 август
Фото: Принтскрин

Градскиот парк во Струмица на 16 август ќе биде сцена за голем музички спектакл, на кој ќе настапат светски познатите диџеи Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд. Настанот е дел од националната програма по повод 35-годишнината од независноста на Македонија. Настапот беше најавен на прес-конференција во Струмица од портпаролката на Владата, Марија Митева, и Бобан Милошески од продукцијата „Авалон“.

Митева истакна дека прославата на големиот јубилеј е замислена како серија настани низ повеќе градови во земјата, со цел што поголем број граѓани да бидат дел од одбележувањето.

„Особена чест и задоволство ми претставува што токму од Градскиот парк во Струмица најавуваме уште еден грандиозен настан“, порача Митева, нагласувајќи дека целта е јубилејот да биде одбележан со единство и достоинство.

Од „Авалон“ најавија заеднички настап на Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд, две имиња кои имаат долгогодишно влијание врз светската електронска музичка сцена.

„На 16 август, токму овде во Градскиот парк, ќе настапат Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд. Станува збор за двајца од најголемите и највлијателни диџеи на сите времиња, а нивниот заеднички настап е голем настан не само за Македонија, туку и за регионот“, изјави Милошески.

Според него, Струмица е избрана за домаќин поради потенцијалот на градот да организира музички настан од ваков формат. Организаторите очекуваат концертот да привлече околу 15.000 посетители од целата земја.

„Очекуваме околу 15.000 луѓе од цела Македонија да дојдат во Струмица. Настанот го најавуваме од самата локација, а не од Скопје, како знак на почит кон градот и кон домаќините“, додаде Милошески.

Националната програма ќе започне на 2 август со голем концерт во Битола, а настаните ќе се одржуваат низ земјата во текот на целиот месец, сè до централното одбележување на 8 септември. Предвидени се настапи на повеќе од 120 домашни уметници во различни градови, со програма која ќе опфати повеќе музички жанрови, концерти, мјузикли и сценски перформанси.

Дополнително, во 11 градови ќе бидат изведени мјузикли во кои ќе учествуваат македонски пејачи, актери и други изведувачи. Во реализацијата на овие проекти, според најавите, ќе бидат вклучени повеќе од 250 лица.

CATEGORIES
Share This