ХАЏИЕВСКИ СИ ЗАМИНА ОД СПАРТАК ВАРНА Емотивна порака што ги трогна навивачите

Македонскиот стратег по победата над Черно Море решил дека е вистински момент за крај на својата мисија во Варна.

ХАЏИЕВСКИ СИ ЗАМИНА ОД СПАРТАК ВАРНА Емотивна порака што ги трогна навивачите
Фото: Принтскрин

ФК Спартак Варна официјално потврди дека го раскинал договорот со македонскиот стратег Ѓоко Хаџиевски, кој заминува од клубот по сопствено барање. 71-годишниот тренер одлуката ја донел по големата победа во варненското дерби против Черно Море, која ја означил како идеален момент за крај на својата мисија. Од клубот истакнаа дека Хаџиевски го презел Спартак во исклучително тежок период, со задача да донесе стабилност и искуство. Под негово водство тимот успеал да го задржи местото во Ефбет лигата и да го врати победничкиот дух пред новата сезона.

„Кога го презеде тимот, Ѓоко Хаџиевски прифати еден од најтешките предизвици во неговата богата тренерска кариера. Во период кога на клубот му беа потребни смиреност и стабилност, тој ја исполни задачата и остави зад себе важни резултати“, соопшти Спартак Варна.

Хаџиевски во своето обраќање до навивачите откри дека одлуката за пензионирање ја донел уште пред почетокот на сезоната, но не сакал тоа да влијае врз екипата пред дербито со Черно Море.

„Изминатата сезона беше една од најтешките во мојата кариера. Имаше многу искушенија, но заедно успеавме да ја исполниме најважната задача – да го задржиме Спартак во Ефбет лигата“, порача македонскиот тренер.

Тој додаде дека си заминува мирен и горд бидејќи зад себе остава стабилен тим и клуб со иднина.

„Иако сум Македонец, во Варна се чувствував како дома. Почитта што ја добив од клубот и навивачите никогаш нема да ја заборавам“, истакна Хаџиевски.

Посебно го нагласи задоволството што Спартак Варна во изминатиот период добил голема поддршка и од Македонија.

„Многу луѓе во Македонија почнаа да го следат и поддржуваат Спартак. За мене тоа е гордост, бидејќи фудбалот ги поврзува луѓето без оглед на границите“, рече тој.

Хаџиевски им порача на навивачите дека повторно ќе се врати во Варна, но овојпат како поддржувач од трибините.

„Кога ќе дојдам да гледам натпревар на Спартак, нема да бидам во ВИП-ложата или на клупата. Ќе бидам со вас на трибините, бидејќи таму е срцето на овој клуб“, порача македонскиот стратег.

CATEGORIES
Share This