ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА ОТКРИ ШТО ДОГОВОРИ СО АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА Во фокусот економијата и инвестициите
На средбата со американската амбасадорка Никол Варнс биле разгледани реформите, јавните финансии и можностите за нови инвестиции во Македонија.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска се сретна со вршителката на должност амбасадор на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс, при што разговараа за економските приоритети на земјата, тековните реформски процеси и можностите за натамошно зајакнување на билатералната економска соработка.
На средбата, министерката нагласи дека Владата останува цврсто посветена на одржување стабилни и одржливи јавни финансии, одговорно управување со буџетот и спроведување политики кои ќе поттикнат економски раст, привлекување нови инвестиции и подобрување на деловната клима.
Таа изрази благодарност за континуираната поддршка што Македонија ја добива од САД, особено преку соработката со американскиот Трезор, оценувајќи дека таа има значајна улога во јакнењето на институционалните капацитети и модернизацијата на процесите во Министерството за финансии.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните економски реформи, зајакнувањето на институциите и мерките насочени кон подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Продолжуваме со посветена работа на реформи, силни институции и економски политики што носат конкретни резултати за граѓаните“, истакна Димитриеска-Кочоска.

