ДО 30.000 ДЕНАРИ ЗА ГРАЃАНИТЕ Државата субвенционира приклучување на гас и набавка на котел

Домаќинствата можат да добијат до 70 проценти од направените трошоци, а барањата треба да се поднесат најдоцна до 31 октомври 2026 година.

ДО 30.000 ДЕНАРИ ЗА ГРАЃАНИТЕ Државата субвенционира приклучување на гас и набавка на котел
Фото: Принтскрин

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини продолжува со мерките за директна финансиска поддршка на домаќинствата и поттикнување на инвестициите во поекономични, поефикасни и почисти системи за греење.

Во тек е јавниот повик за субвенционирање на трошоците за приклучување на домаќинствата на системот за дистрибуција на природен гас, како и за набавка на котел на природен гас. Граѓаните можат да добијат финансиска поддршка до 30.000 денари, односно до 70 проценти од вкупно направените трошоци.

Крајниот рок за поднесување на барањата е 31 октомври 2026 година. Од Министерството ги повикуваат сите заинтересирани граѓани кои ги исполнуваат условите навремено да ја поднесат потребната документација.

Право на финансиска поддршка имаат домаќинствата кои во текот на 2026 година ќе извршат куќен приклучок на системот за дистрибуција на природен гас. Поддршка можат да добијат и домаќинствата кои ќе набават котел на природен гас за објект што бил приклучен на системот заклучно со 1 јануари 2026 година.

За едно домаќинство може да се поднесе едно барање.

За реализација на мерката се обезбедени вкупно 3 милиони денари, а средствата ќе се доделуваат согласно условите утврдени во јавниот повик, по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно до исцрпување на расположливите средства.

По истекот на рокот за аплицирање, комисија формирана од Министерството ќе ги разгледа доставените барања, а финансиската поддршка ќе им биде исплатена на сите апликанти кои ги исполнуваат пропишаните услови.

Од Министерството посочуваат дека со оваа мерка се овозможува намалување на почетните трошоци за домаќинствата, но и се придонесува кон поголема енергетска ефикасност, користење почист енергенс и подобрување на квалитетот на животната средина.

Дополнителни информации за условите и потребната документација се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Министерството ги повикува граѓаните кои планираат приклучување на природен гас или набавка на котел на гас да ја искористат можноста за државна финансиска поддршка и навремено да ги поднесат своите барања.

Јавниот оглас може да го видите ТУКА

CATEGORIES
Share This