Уставобранители за високото образование во Република Македонија
Има уште многу одредби од Законот за високото образование кои се директно во колизија со Уставот и затоа, замолувам да се формира нова група која ќе ги коригира овие небулози и ќе понуди нов текст со кој ќе се согласат сите универзитети во државата.

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
Недела, 26 јули 2026 година
Уставот на Република Македонија содржи повеќе одредби кои директно или индиректно го уредуваат правото на образование, автономијата на универзитетот, слободата на науката и еднаквиот пристап до образованието. Најзначајни се следните членови:
Основната одредба за образованието во нашата држава е содржана во член 44 од Уставот која го гарантира правото на образование. Уставната формулација гласи: „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.“ Од оваа одредба произлегуваат три основни уставни принципи:
- правото на образование е загарантирано на секој;
- еднаков пристап до образованието без дискриминација;
- задолжително и бесплатно основно образование.
Во член 45 од Уставот се регулира приватното образование односно приватните образовни установи: „Граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.“ Овој член ја гарантира слободата за основање приватни образовни институции, но истовремено предвидува дека приватни основни училишта можат да се основаат само доколку тоа е дозволено со уставните и законските решенија.
Во член 46 од Уставот, загарантирана е автономијата на универзитетот: „На универзитетот му се гарантира автономија. Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.“ Ова е една од најважните одредби за високото образование. Автономијата опфаќа:
- академска автономија;
- научноистражувачка автономија;
- организациска автономија;
- финансиска автономија (во рамките на законите);
- самостојно управување на универзитетите.
Уставниот суд во повеќе свои одлуки потенцира дека законодавецот не смее со законски решенија да ја доведе во прашање суштината на уставно гарантираната универзитетска автономија.
Со член 47 од Уставот се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво.“ Оваа одредба е тесно поврзана со високото образование бидејќи ја гарантира:
- слободата на научноистражувачката работа;
- академската слобода;
- заштитата на интелектуалната сопственост.
Поврзано со уставните одредби за образованието е и член 9 од Уставот кој се однесува на начелото на еднаквост. Иако не се однесува исклучиво на образованието, член 9 има суштинско значење: Сите граѓани се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Овој принцип обезбедува еднаков пристап до образовниот систем.
Конечно, во член 48 од Уставот се гарантира припадниците на заедниците:
- право слободно да го изразуваат својот идентитет;
- право на образование на својот јазик, согласно закон.
Од наведените членови произлегуваат следните темелни принципи на образовниот систем:
- правото на образование е основно човеково право;
- еднаков пристап до образованието;
- бесплатно и задолжително основно образование;
- уставно гарантирана автономија на универзитетот;
- слобода на научната и наставната дејност;
- можност за основање приватни образовни установи под законски услови;
- почитување на јазичните права на заедниците;
- забрана на дискриминација во образованието.
Овие уставни одредби претставуваат темел врз кој се засноваат законите од областа на образованието, особено Законот за високото образование, Законот за основното образование и Законот за средното образование, а истовремено служат како уставен критериум при оценување на нивната согласност со Уставот.
Уставните одредби се највисоки во хиерархијата на нашиот правен поредок! Оттука, го поставувам прашањето: зошто кога Уставот на Република Македонија на едно цивилизациско ниво го регулира образовниот систем, со новите системски закони од областа на високото образование се прави обид да се дерогираат бројни уставни одредби? На кого му одговара хаос во областа на високото образование? Дали егзистенцијалната закана која им се испорачува на актуелните професори е навистина потребна? Со кој памет се пропишува со новиот Закон за високото образование дека за да се избере кандидатот за доцент мора претходно да има 3 години асистентски стаж? Навистина со оваа новина кој се осудува да си поигрува со нашата интелигенција? Дали ако некој наш граѓанин докторира на Харвард, кој е приватен универзитет и се врати во својата татковина, како што се настојува да се вратат нашите кадри од странство, за да биде избран за доцент прво ќе мора да биде асистент ни помалку ни повеќе 3 години? Според кои критериуми е определен овој временски период? И најпосле, зошто Министерството за образование и наука не направи анализа колку асистенти фалат на државните универзитети, кои овие универзитети се обратиле за финансии до Министерството за финансии за вработување на асистенти и колку се одобрени средства по овој основ? Зошто се однесуваме како да не живееме во оваа држава, кога јасно е дека за асистенти тешко се одвојуваат средства од буџетот?
Има уште многу одредби од Законот за високото образование кои се директно во колизија со Уставот и затоа, замолувам да се формира нова група која ќе ги коригира овие небулози и ќе понуди нов текст со кој ќе се согласат сите универзитети во државата. Кога има молк, значи дека нешто не е во ред. Молкот секогаш крие големо незадоволство и секогаш излегува на виделина!


