НОВА ЗДРАВСТВЕНА ЗАКАНА ВО ГОСТИВАР Комисијата предупредува на можни случаи на хепатит А и Е

По околу 3.850 побарани лекарски помош за стомачни тегоби, здравствените власти предупредуваат дека во наредните недели може да се појават и задоцнети последици од загадената вода. Засега нема потврдени случаи, но надзорот е засилен.

НОВА ЗДРАВСТВЕНА ЗАКАНА ВО ГОСТИВАР Комисијата предупредува на можни случаи на хепатит А и Е
Фото: Принтскрин

Комисијата за заразни болести предупредува дека во наредниот период во Гостивар е можна појава на случаи на хепатит А и хепатит Е, како можна задоцнета последица од загадувањето на водата. Засега нема потврдени случаи на овие заболувања, но здравствените власти најавуваат засилен епидемиолошки надзор поради периодот на инкубација на вирусите.

Според претседателката на Комисијата за заразни болести, Жаклина Шопова, во изминатите десет дена околу 3.850 жители побарале медицинска помош поради дијареа, повраќање и други стомачни тегоби. Иако бројот на нови пациенти бележи пад, здравствените власти предупредуваат дека по цревните инфекции можно е да се појават и заболувања кои се пренесуваат преку загадена вода.

Хепатит А најчесто се пренесува преку контаминирана храна или вода, а симптомите може да се појават околу еден месец по заразувањето. Кај хепатит Е, периодот на инкубација може да трае од две до десет недели.

Од Комисијата појаснуваат дека предупредувањето не значи оти во Гостивар веќе има епидемија на жолтица, туку дека постои ризик од појава на нови случаи во наредниот период.

Граѓаните се повикуваат да побараат медицинска помош доколку забележат симптоми како пожолтување на кожата или белките на очите, темна урина, изразен замор, мачнина или болки во стомакот.

Во меѓувреме, кај досегашните пациенти сè уште не е утврден единствен причинител на масовните цревни инфекции. Надлежните информираат дека се изолирани астровирус и шигела, но причинителите не се исти кај сите заболени.

Комисијата повторно апелира водата од гостиварскиот водовод да не се користи за пиење и други намени сè додека надлежните институции официјално не потврдат дека е безбедна за употреба.

CATEGORIES
Share This