ДВА ЧАСА ЧЕКАЊЕ НА ГРАНИЦА Зголемена фреквенција на „Богородица“, АМСМ со важно предупредување до возачите
Патиштата главно суви и проодни, но на „Богородица“ се бележи зголемена фреквенција и подолго чекање.

Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Зголемен е интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини. На граничниот премин „Богородица“ има зголемена фреквенција на возила, а времето на чекање за излез од државата е околу два часа. На граничниот премин „Табановце“, пак, за влез во државата се чека околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од земјава.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата. Особено внимание се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони.
Внимателно возење се препорачува особено на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.
Во сила е и сезонскиот режим на сообраќај. Од 15 април, патниот правец Охрид–Ресен, преку Националниот парк „Галичица“, е отворен за сообраќај за сите видови возила со тежина до 3,5 тони.


