МАКЕДОНИЈА ВЛЕГУВА ВО НОВАТА ЕНЕРГЕТСКА ЕРА Водородот ќе го промени енергетскиот сектор до 2050 година
Првата национална Водородна студија ги отвора можностите за производство, транспорт и употреба на зелен водород, а новите интерконекции со Грција и Србија треба да ја поврзат земјава со европската водородна мрежа.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја изработи првата сеопфатна Водородна студија за Македонија, документ со кој се утврдуваат можностите за развој на водородниот сектор и создавање одржлив и модерен енергетски систем. Студијата е подготвена со техничка поддршка од Европската Унија преку IPA II програмата, во рамки на Western Balkans Investment Framework (WBIF) и Infrastructure Project Facility 10 (IPF10). Документот е изработен како дел од проектот за гасно поврзување меѓу Македонија и Србија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека станува збор за прв национален документ кој детално ги разгледува можностите за производство, транспорт, складирање и употреба на зелен водород. Според неа, водородот во иднина може да има примена во енергетиката, индустријата, транспортот и системите за централно греење.
Студијата покажува дека Македонија има потенцијал постепено да развива водородна економија и да се вклучи во идната европска водородна инфраструктура. Земјава, заедно со Србија и Грција, се наоѓа на стратешка позиција во рамки на Паневропската водородна мрежа и European Hydrogen Backbone. Како особено значајна се издвојува новата гасна интерконекција со Грција, чија изградба е во тек, а која е проектирана да овозможи транспорт на 100 отсто водород. Идната интерконекција со Србија, според тендерската документација, исто така ќе биде целосно подготвена за транспорт на водород.
Од Министерството оценуваат дека двете интерконекции можат да бидат основа за создавање национален водороден „рбет“ и да придонесат за поврзување на Македонија со европскиот водороден пазар. Водородната студија содржи и сценарија за развој на секторот до 2050 година. Анализирани се можностите за користење на обновливи извори на енергија, развој на водородни коридори, примена на водородот во индустријата и транспортот, како и потенцијалот за намалување на емисиите на стакленички гасови.
Божиновска порача дека со изработката на студијата Македонија се приклучува кон групата земји од регионот кои имаат стратешки пристап кон развојот на водородниот сектор. Од Министерството посочуваат дека водородот е дел од пошироката енергетска транзиција, декарбонизацијата и усогласувањето на националните енергетски политики со европските стандарди.


