БОЛЕДУВАЊАТА СКОКНАЛЕ ЗА 33 ОТСТО Над 300.000 случаи во една година
Правилата за боледување не се ревидирани од 2012 година. Министерството за здравство најавува нов пристап со помалку бирократија, но построги контроли таму каде што постои ризик од злоупотреби.

Во организација на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, а со поддршка од Светската здравствена организација (СЗО), денеска во Владата се одржа работилница посветена на унапредување на системот за управување со боледувањата во земјава. На работилницата беа презентирани податоци за состојбата со боледувањата во Македонија, актуелните предизвици, како и европските политики и искуства за поефикасно управување со системот.
Министерот за здравство Сашо Клековски истакна дека целта е да се најде баланс меѓу намалувањето на административниот товар за граѓаните и здравствените работници и зајакнувањето на контролите таму каде што постои ризик од злоупотреби.
„Целта на работилницата е вклучување на сите засегнати страни во дијалогот и пронаоѓање оптимален баланс меѓу потребата да се намали бирократијата и потребата да се засилат контролите на местата каде што постои ризик од можни злоупотреби на боледувањата“, посочи Клековски.
Тој информираше дека за првпат се презентирани интегрирани податоци од системот „Мој термин“ за кратките боледувања до 30 дена и долгите боледувања над 30 дена. Според податоците, во 2025 година бројот на боледувања до 30 дена е зголемен за 33 отсто во споредба со 2021 година, иако 2021 година беше период кога поради пандемијата на Ковид-19 беше регистриран значителен број боледувања. Во текот на 2025 година биле евидентирани повеќе од 300.000 боледувања.
Клековски посочи дека бројот на корисници на боледување не бележи значителна промена, односно е зголемен за околу шест отсто. Истовремено, просечниот број боледувања по осигуреник или пациент е зголемен од 1,8 на 2,3 отсто. Министерот нагласи и дека правилата за боледувањата не се ревидирани од 2012 година. Иако системот номинално е во надлежност на здравствениот сектор, клучна улога имаат Фондот за здравствено осигурување и системот „Мој термин“, поради што, како што рече, потребен е посеопфатен пристап кон ова прашање.
На работилницата учествуваа претставници на лекарските здруженија, експерти од Словенија, како и претставници на Министерството за економија и труд, синдикатите, работодавачите и стопанските комори. Во дискусијата беа вклучени и претставници на Државниот инспекторат за труд, Министерството за социјална политика, Министерството за дигитална трансформација и здруженијата на пациенти.


