НОВ УДАР ВРЗ ПУТИН – ЕУ го договори 21-от пакет санкции, на удар руските банки, нафтата и „флотата од сенка“

Брисел подготвува нови ограничувања за руските банки, криптосекторот и нафтената индустрија, а на санкциската листа се додаваат и нови бродови од „флотата од сенка.

НОВ УДАР ВРЗ ПУТИН – ЕУ го договори 21-от пакет санкции, на удар руските банки, нафтата и „флотата од сенка“
Фото: Принтскрин

Амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија постигнаа договор за нов, 21-ви пакет санкции против Русија, кој опфаќа дополнителни мерки насочени кон рускиот финансиски сектор, трговијата со нафта, криптовалутите и таканаречената „флота од сенка“. Формалното усвојување на пакетот треба да започне со писмена постапка, која според дипломатски извори е предвидено да стартува денеска попладне.

Преговорите траеле неколку дена, а една од последните пречки било барањето на Грција да се овозможи нејзините транспортни компании и понатаму да можат да превезуваат руски течен природен гас до трети земји. Постигнатиот компромис предвидува ограничен исклучок за договори склучени пред 24 февруари 2022 година, датумот на почетокот на руската инвазија врз Украина. Советот на ЕУ ќе ја преиспитува оваа можност еднаш годишно.

Ценовниот плафон за руската нафта останува замрзнат

Како дел од новиот пакет, ЕУ предвидува 12-месечно замрзнување на горната граница за цената на руската нафта на сегашното ниво од 44,10 долари за барел. Европските власти очекуваат мерката дополнително да ги намали приходите на Москва од продажбата на нафта, особено во услови на раст на глобалните цени на енергенсите поради конфликтите и нестабилноста на Блискиот Исток. Новиот пакет носи и најголемо досегашно проширување на листата на санкционирани физички и правни лица. Предвидени се дополнителни ограничувања за руските финансиски институции, мерки против криптовалутите и нови трговски рестрикции со цел да се ограничи пристапот на руската воена индустрија до клучни ресурси и технологии. На санкциската листа се додаваат и нови бродови за кои ЕУ смета дека се дел од руската „флота од сенка“, која Москва ја користи за заобиколување на западните санкции.

Фон дер Лајен: Санкциите ги ослабуваат темелите на руската воена машинерија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави договорот меѓу земјите-членки. Таа порача дека санкциите продолжуваат да го притискаат рускиот економски систем и да ги ослабуваат финансиските основи на воените напори на Москва. Фон дер Лајен истакна и дека ЕУ прави чекор напред кон формална забрана за влез на руски борбени авиони во воздушниот простор на Унијата. Според неа, со новиот пакет дополнително се ограничуваат трансакциите со 32 руски банки и платформи поврзани со трговија со криптовалути и нафта. За првпат, санкциите опфаќаат и бродови кои, според ЕУ, обезбедуваат поддршка за руската „флота од сенка“.

CATEGORIES
Share This