ИМА ДОГОВОР – НЕМА ДОГОВОР Лавров и Рубио во директен судир за тоа што договориле Трамп и Путин во Алјаска

Американскиот државен секретар Марко Рубио тврди дека во Алјаска имало предлог, но не и договор, додека Сергеј Лавров го отфрла таквото толкување.

ИМА ДОГОВОР – НЕМА ДОГОВОР Лавров и Рубио во директен судир за тоа што договориле Трамп и Путин во Алјаска
Фото: Принтскрин

Русија повеќе не е подготвена да врати дел од окупираните украински територии во рамките на евентуален мировен договор и планира да задржи одредени области долж границата како тампон-зони, тврдат извори блиски до Кремљ за „Блумберг“.

Според три извори запознаени со ситуацијата, рускиот претседател Владимир Путин и натаму е решен со воена сила да воспостави целосна контрола врз украинскиот регион Донецк. Во исто време, Москва наводно планира да ги задржи областите во близина на руската граница во регионите Суми и Харков како своевидна тампон-зона.

Изворите, кои сакале да останат анонимни поради чувствителноста на темата, велат дека Путин се откажал од идејата за територијални отстапки, бидејќи Русија сè поконфронтативните пораки од Вашингтон ги толкува како доказ дека неформалните договори наводно постигнати за време на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска не се реализирале.

Иако САД инсистираат дека на самитот во Алјаска не бил постигнат договор за завршување на војната, Кремљ постојано тврди дека меѓу Путин и Трамп бил постигнат пакет на разбирања, познат како „духот на Анкориџ“. Според руската страна, тие наводно вклучувале можност Украина да отстапи дел од територијата во Донецк, а Русија да врати одредени области во регионите Суми и Харков.

Ставот на Москва, според изворите, дополнително се заострил поради зголемените украински напади длабоко на руска територија, вклучително и врз цели во близина на Москва. Нападите, според руските власти, предизвикале оштетувања на рафинерии и проблеми со снабдувањето со гориво.

Дополнителен фактор е и поддршката на Трамп за новата легислатива за санкции насочена кон Русија. Предлогот предвидува можност за воведување тарифи до 100 отсто за земји кои се меѓу најголемите купувачи на руска нафта и гас.

Средбата меѓу Трамп и Путин во Алјаска беше нивната најдолга средба лице в лице и се одржа во услови на очекувања дека може да се постигне напредок кон прекин на војната.

Американскиот државен секретар Марко Рубио неодамна изјави дека во Алјаска имало предлог, но не и договор за завршување на војната.

„Доколку имаше договор, војната ќе завршеше“, рече Рубио.

Лавров, пак, следниот ден возврати дека Путин во Алјаска одговорил на предлозите што претходно ги презентирал специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф.

„Ако едната страна, во овој случај САД, ги претстави своите предлози за решение, а другата страна изрази согласност со тие предлози, тогаш тврдењето дека не е постигнат договор изгледа, благо кажано, донекаде неелегантно“, изјави Лавров.

CATEGORIES
TAGS
Share This