ЏЕФ БЕЗОС ВЛЕГУВА ВО ЛИВЕРПУЛ Милијардерот преговара за удел во англискиот гигант
Основачот на „Амазон“ би можел да стане дел од инвестициската група која сака да купи малцински удел во клубот, чија вредност би можела да надмине 6 милијарди долари.

Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, разговарал за можноста да се приклучи на инвестициска група која преговара за купување малцински удел во англискиот фудбалски гигант Ливерпул, објавува „Контра.мк“. Конзорциумот го предводи Амит Батија, поранешен ко-сопственик на Квинс Парк Ренџерс и зет на индискиот милијардер Лакшми Митал.
Безос сè уште нема донесено конечна одлука, а засега нема гаранции дека ќе биде дел од потенцијалниот договор. Сепак, неговото евентуално учество би предизвикало големо внимание во светската спортска и инвестициска јавност, со оглед на неговото богатство, кое се проценува на околу 257 милијарди долари. Милијардерот, кој покрај „Амазон“ е основач и на вселенската компанија „Блу Ориџин“ и сопственик на „Вашингтон Пост“, и претходно беше поврзуван со можни инвестиции во американскиот спорт. Неговото име се споменуваше во контекст на потенцијално купување на НФЛ тимовите Сиетл Сихокс и Вашингтон Командерс, но ниту еден од тие зделки не беше реализиран.
Инвестициската група предводена од Батија веќе ангажирала советници кои преговараат со „Фенвеј Спортс Груп“ (ФСГ), американската компанија која е сопственик на Ливерпул од 2010 година. ФСГ тогаш го купи клубот за околу 300 милиони фунти, а во своето портфолио го има и бејзбол тимот Бостон Ред Сокс. Според проценките, потенцијалната трансакција би можела да го вреднува Ливерпул на повеќе од шест милијарди долари, односно околу 4,5 милијарди фунти. Сепак, не станува збор за целосна продажба на клубот, туку за влез на нов инвеститор преку купување малцински удел.
Од ФСГ потврдиле дека групата на Батија покажала интерес за стратешка инвестиција во Ливерпул. Потенцијалниот модел би можел да биде сличен на договорот од 2023 година, кога американската инвестициска компанија „Дајнасти Еквити“ купи малцински удел во клубот за 164 милиони фунти. Средствата од тогашната трансакција не беа наменети за финансирање на трансфери, туку за намалување на долгот и инвестиции во инфраструктурата на клубот. И во овој случај се очекува инвеститорот да има пасивна улога, без директно учество во секојдневното управување со Ливерпул.
Батија неодамна го префрли својот удел во Квинс Парк Ренџерс на Рубен Гнаналингам, со што беше отстранета потенцијалната пречка за негово учество во сопственичката структура на друг англиски клуб.


