НАФТАТА ПОВТОРНО ГОРИ Цените вртоглаво растат, светот стравува од нов енергетски шок
Блискиот Исток повторно го тресе нафтениот пазар – стравувањата од прекин на снабдувањето преку Ормутскиот Теснец и Црвеното Море ги туркаат цените нагоре, додека новата ескалација може да донесе уште поскапување

Цените на нафтата остануваат на високо ниво, додека инвеститорите внимателно ги следат случувањата на Блискиот Исток и ризиците што тие би можеле да ги предизвикаат врз глобалното снабдување со енергенси. Во утринското тргување, северноморската нафта „Брент“ достигна 94,4 долари за барел, по што се стабилизираше на околу 94 долари. Американската сурова нафта WTI накратко се искачи на 88,6 долари, пред да се спушти на приближно 86,5 долари за барел.
Главен фактор за растот на цените се стравувањата дека конфликтот меѓу САД и Иран би можел дополнително да го наруши извозот на нафта од регионот на Персискиот Залив, кој има клучно значење за глобалниот енергетски пазар. Дополнителна неизвесност предизвикаа изјавите на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој порача дека секој иден договор со Техеран мора да гарантира непречена пловидба низ Ормутскиот Теснец, како и ограничување на иранската нуклеарна програма и прекин на поддршката за вооружени групи во регионот.
На пазарите влијаат и заканите од јеменските бунтовници Хути, кои најавија можни напади врз трговски бродови во Црвеното Море. Потенцијалните напади ги зголемуваат стравувањата од нови нарушувања во транспортот на нафта и други енергенси преку една од најважните поморски рути во светот. Дополнителен ризик претставува и неодамнешниот напад врз терминал на Конзорциумот за касписки цевководи (CPC) на брегот на Црното Море, преку кој се транспортираат значителни количини казахстанска сурова нафта за извоз.
Сепак, растот на цените беше ограничен по објавувањето на најновите податоци на американската Администрација за енергетски информации (EIA), според кои залихите на сурова нафта во САД минатата недела се зголемиле за 1,4 милиони барели. Аналитичарите претходно очекуваа намалување на резервите, па неочекуваниот пораст придонесе за извесно смирување на пазарот.
И покрај тоа, аналитичарите предупредуваат дека цените на нафтата и во наредниот период ќе останат исклучително чувствителни на случувањата на Блискиот Исток. Секоја нова ескалација на безбедносната состојба може повторно да предизвика значителни ценовни осцилации на глобалниот енергетски пазар.


