АХМЕТИ ПО 24 ГОДИНИ ГО ПОСТАВИ ДРЖАВНОТО ЗНАМЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА Отсекогаш сум бил за унитарна Македонија
Државниот симбол е забележан на средбата со австрискиот амбасадор, а лидерот на ДУИ открива дека знамето го поставил по сугестија на странски амбасадори.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по 24 години од основањето на партијата, го постави државното знаме во својата канцеларија во партиското седиште во Мала Речица. Државниот симбол е забележан за време на средбата на Ахмети со австрискиот амбасадор во земјава, Мартин Памер. Чинот привлече внимание, особено по изјавата на лидерот на ДУИ за порталот на албански јазик „Тетова Сот“, во која тој вели дека отсекогаш се залагал за унитарна држава, а одлуката за поставување на државното знаме ја донел по сугестија на странски амбасадори.
„Отсекогаш сум бил за унитарна држава. Тоа беше и предлог на странските амбасадори во земјава, бидејќи на средбите со нив ми беше предложено знамето на државата Северна Македонија да биде поставено во мојата канцеларија“, изјавил Ахмети.
Тој додал дека поставувањето на државното знаме е во согласност со неговото верување дека државата им припаѓа на сите граѓани и дека државните симболи треба да се почитуваат. Според Ахмети, овој потег има симболично значење и треба да испрати порака за соживот, меѓусебно почитување и еднаквост меѓу сите заедници во земјава. Инаку, во седиштето на ДУИ во Мала Речица државното знаме редовно се поставува во салата за состаноци за време на партиските прес-конференции.


