НАПРАВЕТЕ РЕФОРМИ, ВЕ ЧЕКАМЕ ВО ЕУ Рокас со порака до Македонија, Филипче и Мицкоски со спротивни пораки
Евроамбасадорот порача дека реформите и владеењето на правото се клучни за напредокот кон ЕУ, додека Филипче и Мицкоски со различни оценки за евроинтегративниот процес.

Средствата од ИПА фондовите што Северна Македонија досега ги добиваше од Европската Унија во досегашниот формат заминуваат во историјата, но ќе бидат заменети со нови механизми за финансиска поддршка. Ова денеска го информираше евроамбасадорот Михалис Рокас на седницата на Националниот совет за евроинтеграции.
Говорејќи за евроинтегративниот процес на земјата, Рокас уште еднаш потенцираше дека владеењето на правото останува еден од клучните предуслови за напредокот кон Европската Унија. Покрај законодавните реформи, според него, неопходно е да се обезбедат и професионална и ефикасна јавна администрација.
Осврнувајќи се на извештаите на ЕУ за Северна Македонија, евроамбасадорот посочи дека во повеќе области се забележува позитивен напредок. Тој оцени дека политичките партии покажуваат конструктивен пристап и дека постои добра демократска атмосфера, но порача дека таквиот пристап треба да се покаже и при носењето на измените на Изборниот законик, како и на Кривичниот законик.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции и лидер на СДСМ, Венко Филипче, го отвори прашањето за идната финансиска поддршка од ЕУ за земјата, особено во услови кога државите кандидати кои некогаш беа во слична позиција со Северна Македонија денес се многу понапред во процесот на пристапување и отвораат преговарачки поглавја.
Филипче ја обвини Владата предводена од Христијан Мицкоски дека, како што рече, направила „државен удар врз евроинтеграциите“ на земјата.
Премиерот Мицкоски, пак, денеска изјави дека е задоволен од спроведувањето на реформската агенда, со исклучок на Изборниот законик, за кој политичките партии сè уште не постигнале договор. Тој посочи дека веќе имал комуникација со Брисел во врска со следните реформски чекори, кои го опфаќаат периодот до декември, но и периодот потоа.
Евроамбасадорот Рокас денеска ги пофали капацитетите на земјата за исполнување на реформските обврски, но посебен акцент стави на состојбите во правосудниот систем, оценувајќи дека Владата има уште многу работа.
Рокас изрази и надеж дека политичките партии во догледно време ќе успеат да постигнат договор и за измените на Изборниот законик, кој останува едно од отворените прашања во реформскиот процес.


