60 ГОДИНИ ФМУ Од оваа институција произлегоа најголемите имиња на македонската музичка сцена
На „Охридско лето“ настапија 11 врвни уметници, поранешни студенти на Факултетот за музичка уметност, кој шест децении создава генерации музичари со успешни кариери во Македонија и во светот.

Со впечатлив концерт на 11 истакнати македонски уметници, синоќа на фестивалот „Охридско лето“ беа одбележани 60 години од основањето на Факултетот за музичка уметност – Скопје. На сцената настапија некогашни студенти на оваа реномирана високообразовна институција – сопранистките Весна Гиновска-Илкова и Ана Дурловски, басот Игор Дурловски, пијанистите Катерина Гелебешева-Костадиновска, Кристина Светиева, Јанинка Невчева и Глигор Гелебешев, флејтистката Катерина Бачевска, обоистката Надица Ристиќ-Симовиќ, гитаристот Дарко Багевски и хармоникашот Златко Мадевски.
Нивните настапи уште еднаш покажаа дека од ФМУ произлегуваат врвни уметници кои оставиле значаен белег во македонскиот културен живот, но и изградиле успешни меѓународни кариери. Деканката на ФМУ-Скопје, Дарија Андовска, изрази задоволство што „Охридско лето“ се приклучи кон одбележувањето на големиот јубилеј.
„Особено ни е драго што на најголемиот фестивал во Македонија и во регионот имаме можност да го прославиме нашиот роденден. ФМУ е основата на музичкиот пантеон во Македонија. Од него произлегуваат големите ансамбли во земјава, Филхармонијата, Операта и Балетот, Џез оркестарот, музичките училишта, како и голем број врвни уметнички имиња“, истакна Андовска.
Таа најави дека целата 2026 година ќе биде во знакот на јубилејот, со бројни културни настани.
„Веќе реализиравме неколку големи настани, а допрва следуваат уште поголеми. Подготвуваме краток документарен филм за ФМУ, монографија, како и авторски мјузикл во кој ќе учествуваат нашите ансамбли. Имаме балет, џез ансамбл, класичен оркестар и сè што е потребно за еден ваков проект, па очекуваме мјузиклот да биде круна на јубилејната година“, најави деканката.
Во изминатите шест децении, на Факултетот за музичка уметност студирале повеќе од 5.000 студенти, меѓу кои и бројни денес афирмирани уметници. Една од нив е пијанистката и професорка на ФМУ, Катерина Гелебешева-Костадиновска, која концертот го оцени како голема чест и задоволство.
„Овој концерт е одбележување на еден исклучително значаен јубилеј. Нашата матична институција е можеби една од најважните образовни установи во градењето на културниот живот во државата. Од нашите редови излегоа голем број денес познати уметници. Се надевам дека соработката со „Охридско лето“ ќе продолжи и во иднина, бидејќи нашите уметници со домашна и интернационална кариера заслужуваат да бидат дел од програмата на фестивалот“, изјави Гелебешева-Костадиновска.
Факултетот за музичка уметност – Скопје е основан во 1966 година, а од 1973 година е составен дел на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во текот на своето шестдецениско постоење, ФМУ изгради генерации успешни музичари и остави траен белег врз развојот на македонската музичка и културна сцена.


