ИТАЛИЈА ГО САКА ГВАРДИОЛА Федерацијата призна, разговаравме со Пеп
Претседателот на Италијанската фудбалска федерација за првпат официјално потврди дека биле водени разговори со шпанскиот стратег, а „аѕурите“ се подготвени да направат и финансиски исклучоци за негов ангажман.

Италијанската фудбалска федерација стапила во контакт со Пеп Гвардиола во обид да го убеди да седне на селекторското столче на „аѕурите“. Претседателот на федерацијата, Џовани Малаго, за првпат официјално потврди дека биле водени разговори со актуелниот тренер на Манчестер сити.
Италија е без селектор од април, кога Џенаро Гатузо си замина по новиот неуспех на репрезентацијата да обезбеди пласман на Светското првенство. За четирикратниот светски шампион ова ќе биде трет последователен Мундијал на кој нема да учествува.
Малаго откри дека Федерацијата е подготвена да направи и финансиски отстапки доколку постои реална можност да го ангажира тренерот од калибарот на Гвардиола.
„Се прават исклучоци – исклучоци кои, на пример, може да се однесуваат на име кое е многу актуелно во последните часови: Пеп Гвардиола. Тоа се исклучоци од очигледни причини, кои нема да ги објаснувам сега, но тоа не значи дека договорот сигурно ќе се реализира“, изјави Малаго.
Ова е прва официјална потврда дека Гвардиола, кој во кариерата ги предводеше Барселона, Баерн Минхен и Манчестер сити, бил разгледуван како сериозна опција за нов селектор на италијанската репрезентација.
Италијанскиот фудбал во моментов минува низ еден од најтешките периоди во последните неколку децении. Покрај разочарувачките резултати на клубовите во европските натпреварувања, репрезентацијата повторно остана без билет за Светското првенство.
Ангажманот на нов селектор се очекува да биде само првиот чекор во поширокиот процес на реформи, кои би требало да ги опфатат младинските категории, развојот на таленти и целокупната фудбалска инфраструктура во земјата.


