ЛЕ ПЕН НА ЧЕКОР ДО ЕЛИСЕЈСКАТА ПАЛАТА Еден потег промени сè
Обвинителството се откажа од жалбата, со што практично се отстранува заканата од построга казна и се отвора патот за нејзината претседателска кандидатура.

Одлуката на Генералното обвинителство на Париз да се откаже од жалбата до Касациониот суд во случајот со Марин Ле Пен претставува нова пресвртница во долгата судска и политичка драма што ја следи лидерка на Националниот собир.
Со овој потег практично се елиминира можноста Ле Пен да добие построга казна, а нејзината кандидатура за претседателските избори станува многу пореална. Самата Ле Пен веќе порача дека ќе се кандидира и дека ќе ги искористи сите правни средства за да ја докаже својата невиност.
Случајот се однесува на аферата со фиктивно вработување на парламентарни асистенти во Европскиот парламент. Првостепениот суд минатата година ја осуди Ле Пен на четири години затвор, од кои две условно, парична казна од 100.000 евра и петгодишна забрана за кандидирање со итно извршување.
Токму забраната за учество на избори предизвика најголеми политички последици, бидејќи ја доведе во прашање нејзината можност да се натпреварува за Елисејската палата.
Апелациониот суд подоцна ја ублажи пресудата. Казната беше намалена на три години затвор, од кои две условно, а една година со електронски надзор. Забраната за кандидирање беше намалена на 45 месеци, од кои 30 се условни. Судот оцени дека делот од забраната што Ле Пен веќе го поминала бил доволен за исполнување на целта на казната.
По одлуката, Ле Пен поднесе жалба до Касациониот суд и најави дека нема да се откаже од политичката борба.
„Ќе ги искористам сите законски средства за да ја докажам мојата невиност“, порача таа, додавајќи дека нејзините „раце се чисти“.
Бидејќи обвинителството се откажа од сопствената жалба, Касациониот суд нема да може да ја зголеми казната. Највисоката судска инстанца ќе разгледува само дали законот бил правилно применет, а не повторно да ги оценува фактите од случајот. Судот може да ја потврди пресудата на Апелациониот суд или да ја поништи и да го врати предметот на ново судење.
Државниот обвинител во Касациониот суд, Реми Хајц, најави дека одлуката се очекува до крајот на годината или почетокот на следната. Додека трае постапката, Ле Пен се повикува на презумпцијата на невиност и нема да ја издржува казната со електронски надзор.
Доколку пресудата биде потврдена, постапката за извршување на казната би започнала подоцна, што отвора можност Ле Пен да ја води претседателската кампања без пречки. Доколку пресудата биде поништена и предметот биде вратен на ново судење, целиот процес може да се одложи и по претседателските избори.
Во меѓувреме, анкетите покажуваат раст на поддршката за лидерка на Националниот собир. Според последните истражувања, Ле Пен е фаворит во првиот круг од изборите и има силна позиција во можен втор круг.
Нејзината партија, сепак, се соочува и со внатрешни дебати околу некои чувствителни теми. Една од нив е предлогот за забрана на носење исламска шамија на јавни места. Ле Пен ја поддржува идејата, додека дел од раководството на партијата предупредува дека нејзината реализација би била правно и политички сложена.
И покрај тоа, Ле Пен се обидува да ја задржи поддршката на традиционалното гласачко тело, откако претходно се дистанцираше од некои радикални ставови како излез од Европската Унија, враќање на смртната казна и пензионирање на 60 години.
Поддршка за Марин Ле Пен пристигна и од сопственикот на компанијата „X“, Илон Маск. Коментарот на Маск дојде по објавувањето на резултатите од анкетите според кои Ле Пен има значителна поддршка кај француските гласачи. Тој ја нарече „последната надеж на Франција“, со што дополнително се засили вниманието околу нејзината кандидатура.
Со последниот развој на настаните, политичкиот пат на Марин Ле Пен кон претседателските избори станува значително полесен, а нејзината борба за Елисејската палата повторно се наметнува како една од главните теми во Франција.
СУДОТ ПРЕСЕЧЕ Марин Ле Пен осудена, но сепак ќе може да се кандидира за претседател?


