ТРАМП И СИ ЛИЦЕ В ЛИЦЕ Голема средба во Вашингтон во септември најавува Рубио

Средбата доаѓа во чувствителен момент за односите меѓу Вашингтон и Пекинг, а лидерите ќе разговараат за клучните глобални прашања.

ТРАМП И СИ ЛИЦЕ В ЛИЦЕ Голема средба во Вашингтон во септември најавува Рубио
Фото: Принтскрин

Американскиот државен секретар Марко Рубио потврди дека кинескиот претседател Си Џинпинг планира посета на САД во септември, каде што се очекува средба со американскиот претседател Доналд Трамп.

„Очекуваме посетата да се одржи во септември“, изјави Рубио.

Тој ова го истакна пред новинарите во пресрет на неговото патување на состанокот на министрите за надворешни работи на АСЕАН во Манила, пренесува „Блумберг“. Според Рубио, кинеските претставници веќе испраќаат тимови кои работат на подготовката на посетата.

Тој нагласи дека и покрај несогласувањата меѓу Вашингтон и Пекинг, комуникацијата меѓу двете најголеми светски економии мора да продолжи.

„Кога имате две големи и моќни земји како Соединетите Американски Држави и Кина, секогаш ќе има прашања околу кои има несогласувања“, изјави Рубио.

Тој додава дека токму затоа е важно да се одржува дијалогот.

Од кинеското Министерство за надворешни работи потврдија дека двете страни комуницираат за можни средби меѓу лидерите во текот на годината.

„Дипломатијата на ниво на шефови на држави има незаменлива улога во стратешката насока на билатералните односи“, изјави портпаролот на кинеското МНР, Лин Џиан.

Најавената средба доаѓа во период на затегнати односи меѓу двете земји. Трамп неодамна ја обвини Кина за наводно мешање во американските претседателски избори во 2020 година, тврдења кои претходно беа отфрлени од американските разузнавачки служби како неосновани. Сепак, американскиот претседател најави дека наместо конфронтација ќе разговара со кинеските власти.

Пред средбата на лидерите, Рубио ќе има можност за разговори со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, како и со претставници на Јапонија, Јужна Кореја и други земји од регионот за време на состанокот на АСЕАН.

CATEGORIES
TAGS
Share This