СОБРАНИЕТО ДЕНЕСКА ВО АКЦИЈА На маса кризата со нафтата, нови закони и амбасадорски позиции

Продолжување на кризната состојба, реформи во високото образование и нови дипломатски мисии меѓу главните точки

СОБРАНИЕТО ДЕНЕСКА ВО АКЦИЈА На маса кризата со нафтата, нови закони и амбасадорски позиции
Фото: Национал

Во Собранието денеска ќе се одржат седници на повеќе комисии, на кои ќе се разгледуваат прашања поврзани со образованието, енергетската сигурност, надворешната политика и заштитата од семејно насилство.

Комисијата за одбрана и безбедност ќе ја разгледува Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати на територијата на државата.

На дневен ред на Комисијата за образование, наука и спорт се три законски предлози во прво читање – Предлог-законот за високото образование, Предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование и науката, како и Предлог-законот за научноистражувачката дејност.

Истите законски решенија ќе бидат разгледувани и пред Законодавно-правната комисија.

Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија ќе ги слушне платформите за дипломатските активности на тројца новоименувани вонредни и ополномоштени амбасадори.

Илина Мангова ќе биде предложена за амбасадор во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Стојанче Китаноски во Комонвелтот Австралија, а Линда Салиоска Иљазоска во Кралството Холандија.

Во меѓувреме, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ќе одржи надзорна расправа на тема „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство“.

На расправата ќе се дискутира за институционалната координација, предизвиците во спроведувањето на мерките и можностите за подобрување на ефикасноста на постапувањето на надлежните институции.

CATEGORIES
Share This