ОД БЕБЕ ВО РАЦЕТЕ НА МЕСИ ДО ФИНАЛЕ НА МНДИЈАЛ Неверојатната приказна за Јамал
Пред 19 години Лео Меси го држел малиот Ламин Јамал во фотосесија на Барселона, а денес двајцата ќе се борат за најголемиот трофеј во фудбалот.

Капитенот на Аргентина, Лионел Меси, вели дека е неверојатно што во финалето на Светското првенство ќе се соочи со Ламин Јамал, фудбалерот со кого пред години имал необична средба. Причината за ова е фотографијата од 2007 година на која 20-годишниот Меси го држи и го бања тогаш петмесечниот Јамал. Фотосесијата била организирана преку лотарија на УНИЦЕФ, а родителите на младиот Шпанец добиле можност нивното бебе да биде дел од проект со играч на Барселона.
Фотографиите станаа вирални во 2024 година, кога таткото на Јамал ги објави во периодот кога неговиот син блескаше на Европското првенство во Германија, каде Шпанија ја освои титулата.
„Тие фотографии се неверојатни. Фактот дека сега двајцата ќе играме на Светското првенство е нешто навистина лудо“, изјави Меси.
Јамал го имаше своето деби за првиот тим на Барселона на само 15 години, откако Меси веќе го напушти клубот и се пресели во Пари Сен Жермен, па двајцата никогаш не настапиле заедно во каталонскиот дрес. Финалето ќе биде нивна прва директна пресметка на теренот.
„Тој е еден од најдобрите фудбалери во светот во моментов. Му посакувам многу среќа, бидејќи неговиот успех е и успех за Барселона. Шпанија има одлична репрезентација, не се работи само за него. Ламин е извонреден играч и светска ѕвезда. Има 19 години и цела кариера е пред него. Ќе направиме сè за да го запреме и овојпат да не стане светски шампион“, додаде 39-годишниот Меси.
Интересна е и поврзаноста меѓу селекторите на двете репрезентации. Шпанскиот стратег Луис де ла Фуенте бил еден од инструкторите во процесот кога аргентинскиот селектор Лионел Скалони ја стекнувал професионалната тренерска лиценца на УЕФА.


