ЕНЕРГЕТСКИ ПРЕСВРТ ВО БРИСЕЛ – ЕУ сака да ја намали зависноста од нафта и гас за 260 милијарди евра годишно
Европската комисија предлага забрзана електрификација до 2040 година, поголемо користење чисти технологии и над 100 милијарди евра за намалување на индустриското загадување.

Европската комисија претстави нови предлози со кои има за цел да ја забрза електрификацијата на европската економија и да го промени системот за тргување со емисии на јаглерод диоксид. Од Комисијата посочуваат дека зависноста на Европа од увоз на фосилни горива ја зголемува изложеноста на геополитички кризи, но и ја ограничува конкурентноста на европската индустрија. Поради тоа, се предлага забрзана транзиција кон користење електрична енергија во производството и транспортот.
Според планот на ЕК, до 2040 година електрификацијата би можела да достигне 46 проценти, што, како што наведуваат од Комисијата, би помогнало годишните трошоци за увоз на фосилни горива да се намалат за околу 260 милијарди евра. Мерките предвидуваат намалување на разликата меѓу цените на електричната енергија и фосилните горива, како и поголема примена на технологии базирани на електрична енергија, меѓу кои топлински пумпи, електрични возила и системи за складирање енергија преку батерии.
Европската комисија предлага земјите членки да овозможат пониски надоместоци за пренос на електрична енергија за одредени категории потрошувачи, како и даночни олеснувања за енергетски интензивните компании. Во планот се нагласува и значењето на воведувањето „паметни“ мерни уреди, кои според ЕК ќе им овозможат на граѓаните подобро управување со потрошувачката и намалување на трошоците за енергија.
Дополнително, Комисијата очекува до 2030 година да бидат обезбедени повеќе од 100 милијарди евра за намалување на јаглеродните емисии во индустријата. Предлогот предвидува земјите од ЕУ да бидат обврзани најмалку половина од приходите од тргувањето со емисии да ги насочат кон инвестиции во чисти технологии и индустрии со пониско загадување.


