ЌЕ ГЛЕДАМЕ ЛИ ДРАМА ПРЕД ОН Градоначалникот на Њујорк размислува за апсење на Нетанјаху ако стапне во градот
Мамдани вели дека правните служби ја разгледуваат можноста за постапување доколку израелскиот премиер пристигне на Генералното собрание на ОН, а Нетанјаху возврати со остри обвинувања.

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека неговата администрација е во „активни консултации“ со Правниот оддел на градот во врска со тоа дали постои правна можност за евентуално апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку тој присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк во септември.
Во интервју за „Њујорк тајмс“, Мамдани нагласи дека смета оти Нетанјаху треба да одговара пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
„Верувам дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да биде во Хаг. Тој е обвинет пред Меѓународниот кривичен суд и многумина го делат ставот дека треба да одговара за последиците од своите постапки“, изјави Мамдани.
Сепак, тој призна дека не е сигурен дали како градоначалник има законски овластувања да му наложи на Полицискиот оддел на Њујорк да го приведе Нетанјаху.
„Подготвен сум да направам сè што е во согласност со законите на Њујорк, но не можам самостојно да ги менувам законите за да се случи тоа“, додаде Мамдани.
На овие изјави реагираше и Нетанјаху, кој рече дека не е загрижен од ваквите најави. Израелскиот премиер го обвини Мамдани дека ја поддржува палестинската милитантна организација Хамас.
„Тој треба добро да размисли кого осудува, а кого брани. Го осудува Израел, единствената демократија која стои рамо до рамо со американските вредности додека го брани Хамас, организација која отворено повикува на убивање Евреи“, изјави Нетанјаху.
Тој дополнително оцени дека Мамдани со своите ставови покажува непријателски однос не само кон Израел, туку и кон американските вредности.
Луѓе блиски до градоначалникот, пак, за „Њујорк тајмс“ изјавиле дека Мамдани прашањето за Палестина го смета за едно од најважните морални прашања на денешницата и дека неговите ставови сè повеќе добиваат поддршка во рамките на Демократската партија.
Како показател за промената на расположението во партијата се наведува и гласањето во Претставничкиот дом на САД, каде што речиси половина од демократските конгресмени ја поддржаа иницијативата за прекин на американската воена помош за Израел. Иако предлогот не беше усвоен, гласањето беше оценето како сигнал за сè поголеми поделби во американската политика кон Израел.
„Тешко е да се најде поизлитена политика од онаа што нашата земја ја водеше кон Појасот Газа и Палестинците“, изјави Мамдани.


