ВО ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА Објавен романот „На чет со чет џи пи ти“ на Марина Димитриева-Ѓорѓиевска
Најновата книга на Марина Димитриева - Ѓорѓиевска „На чет со Чет џи пи ти“ е роман кој зафаќа многу современ тематски аспект - вештачката интелигенција.

„Македоника литера“ неодамна го објави романот „На чет со Чет џи пи ти“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска.
Најновата книга на Марина Димитриева – Ѓорѓиевска „На чет со Чет џи пи ти“ е роман кој зафаќа многу современ тематски аспект – вештачката интелигенција. Авторката ја повикува и ја користи вештачката интелигенција за градењето на приказната во романот. Всушност, во романот течат две паралелни приказни – таа на главниот наратор, женски лик, кој својата меланхолија и монотонија ја надминува со пишување, и приказната што тој лик ја раскажува во својот започнат роман. За да провери или потврди издржаноста на тоа што го пишува, таа влегува во комуникација со Чет џи пи ти, и изненадувачки е колку невидливиот соговорник е вешт, компетентен и луциден во своите одговори.
Главниот лик на Марина поставува интересни прашања, но добива уште поинтересни одговори, толку интересни што ја доведува во прашање веродостојноста на тие одговори, односно веќе станува невидлива границата меѓу авторската имагинација и имагинацијата на вештачката интелигенција.
Овој роман на Марина Димитриева Ѓеорѓиевска во тематско-мотивска смисла е поврзан, односно се надополнува со нејзините две претходни книги „Фрагменти од писма кои никогаш нема да бидат пратени“ (раскази и „Раскажани стихови“ (поезија), при што доминираат љубовта, почитта, доблеста, љубовните и партнерските односи.
Марина Димитриева-Ѓорѓиевска (1978) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна завршила и магистерски и докторски студии. Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по наставниот предмет Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024), „Еден ден со децата од Шареното Маало“ (2024), „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во ХХI век“ (2025) и „Раскажани стихови“ (2026).
Изданијата на Македоника литера може да ги видите ТУКА



