МИСТЕРИЈА ВО ГОСТИВАР Над 1.200 заболени, водата под сомнеж, се чека клучниот одговор

Граѓаните бараат одговори, а институциите сè уште ги чекаат резултатите од лабораториските анализи кои треба да ја откријат причината за заболувањата.

МИСТЕРИЈА ВО ГОСТИВАР Над 1.200 заболени, водата под сомнеж,  се чека клучниот одговор
Фото: Принтскрин

Масовните стомачни тегоби кај жителите на Гостивар продолжуваат да предизвикуваат загриженост, додека надлежните институции сè уште ги очекуваат резултатите од лабораториските анализи кои треба да покажат што е причината за зголемениот број заболени.

Според официјалните податоци, околу 1.200 лица, меѓу кои и деца, побарале медицинска помош во Општата болница во Гостивар поради симптоми на стомачна инфекција. Во јавноста, пак, се појавуваат тврдења дека бројот на засегнати граѓани е уште поголем, а дел од жителите преку социјалните мрежи посочуваат дека речиси секое семејство има некој член со здравствени проблеми.

Како превентивна мерка, надлежните воведоа забрана за користење на водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна, сè до добивањето на конечните резултати од испитувањата.

Сепак, засега нема официјална потврда дека токму водата е изворот на инфекциите. Градоначалникот на Гостивар и директорката на јавното комунално претпријатие информираа дека анализите сè уште се во тек и дека причината ќе може да се утврди по завршувањето на лабораториските проверки.

Различните информации дополнително ја зголемуваат неизвесноста кај жителите, кои бараат навремени и транспарентни одговори од институциите.

Додека се чекаат официјалните резултати, препораката останува граѓаните да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна и да ги следат упатствата и соопштенијата од надлежните служби.

CATEGORIES
TAGS
Share This