ДЕШАМП ЗАМИНУВА, МБАПЕ ГО БРКА МЕСИ Франција и Англија вечерва за последната светска слава
Наместо финале, европските гиганти ќе се борат за бронзениот медал, додека ѕвездите бркаат историски индивидуални признанија.

Емоциите од полуфиналните пресметки на Мундијалот сè уште не се слегнати, но Франција и Англија веќе мора да се вратат на теренот. Наместо борба за светската титула, двете европски селекции ќе го одиграат мечот за третото место. Франција беше убедливо поразена од Шпанија со 2-0 во полуфиналето, во натпревар во кој „триколорите“ не успеаја да го пронајдат вистинскиот ритам. Англија, пак, доживеа драматичен пораз од Аргентина со 1-2, откако долго време имаше предност и се надеваше на пласман во финалето.
Затоа вечерашниот дуел нема да биде само борба за бронзениот медал, туку и прашање на престиж, чест и национална гордост за две селекции кои имаа поголеми амбиции.
Средбата ќе има посебна тежина за Франција, бидејќи ќе биде последна на клупата за селекторот Дидие Дешамп. По 14 години на чело на репрезентацијата, Дешамп ќе стави крај на една историска ера исполнета со големи успеси, светската титула во 2018 година, финалето на Мундијалот во 2022 година и дури 187 натпревари како селектор на Франција.
Во центарот на вниманието ќе биде и борбата за најдобар стрелец на турнирот. Килијан Мбапе и Лионел Меси моментално се израмнети со по осум голови. Поради дополнителните критериуми, како бројот на асистенции, францускиот капитен ќе мора да постигне најмалку уште еден погодок за да ја освои престижната „Златна копачка“. Своја шанса имаат и англиските ѕвезди Хари Кејн и Џуд Белингам, кои со по шест гола сè уште теоретски можат да стигнат до врвот доколку блеснат во последниот меч.
Освен борбата за голгетерскиот трофеј, во игра е и уште еден историски рекорд. Францускиот играч Михаел Олисех досега има пет асистенции и му недостига само една за да го израмни достигнувањето на легендарниот Пеле за најмногу асистенции на едно Светско првенство. Колку мотива ќе најдат фудбалерите по разочарувањето во полуфиналето останува да се види.
Дуелот меѓу Франција и Англија ќе се одигра во Мајами со почеток од 23:00 часот.


