ТРАМП СО ТЕШКИ ОБВИНУВАЊА Кина украла податоци за 220 милиони гласачи, Пекинг ги отфри обвинувањата
Белата куќа објави декласифицирани документи, додека Пекинг ги отфрли тврдењата дека се мешал во американскиот изборен процес.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, обвини дека Кина нелегално дошла до лични податоци на околу 220 милиони американски гласачи и се обидела да влијае врз претседателските избори во 2020 година. Во обраќањето до нацијата, Трамп се повика на декласифицирани документи објавени од Белата куќа, тврдејќи дека тие покажуваат дека Пекинг извршил „најголем компромитирање на изборни податоци во историјата“.
Според неговите зборови, станувало збор за изборни бази на податоци со имиња, адреси, телефонски броеви, контакт информации и партиска припадност на американски гласачи.
„Кинеската влада сакаше да ги изгубам изборите затоа што знаеше дека нивните намери ми се јасни“, изјави Трамп.
Тој тврди дека Кина се обидела да ја ослаби неговата прва администрација, како и да влијае врз претседателската кампања во 2020 година и конгресните избори во 2018 година. Трамп додаде дека информациите за наводниот компромитирачки напад не му биле доставени ниту нему ниту на Конгресот, иако, според него, американските разузнавачки служби биле запознаени со случајот уште во 2020 година.
Американскиот претседател најави дека администрацијата ќе ги информира државите чии изборни податоци, според неговите тврдења, биле компромитирани и ќе преземе мерки за подобра заштита на податоците на гласачите. Министерството за внатрешна безбедност на САД треба да одржи и брифинг за можните сајбер-ранливости во изборните системи и да соработува со сојузните држави за отстранување на техничките недостатоци пред идните избори.
Сепак, во дел од објавените документи се наведува и претходната проценка на американската разузнавачка заедница дека Кина не се обидела да влијае врз пребројувањето на гласовите или врз техничкиот процес на изборите во 2020 година. Според проценката на Националниот разузнавачки совет, Пекинг одлучил да не презема активности што би можеле дополнително да ги влошат односите со Вашингтон.
Кина ги отфрли обвинувањата на Трамп, нагласувајќи дека никогаш не се меша во внатрешните работи на други држави. Портпаролот на кинеската амбасада во САД изјави дека американските избори се внатрешно прашање и дека нивниот исход го одредуваат американските граѓани преку своите гласови.
„Кина никогаш не интервенирала и никогаш нема да интервенира во претседателските избори во Соединетите Американски Држави“, порача тој.
Пекинг и претходно ги отфрлаше сличните обвинувања за мешање во изборни процеси, упатени од САД и други западни земји.
СВЕТОТ ЌЕ СЕ ПРОМЕНИ – Трамп и Си открија што се договориле зад затворени врати


