26 ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ Бараат итно запирање на постапките за нови геолошки концесии

Поради приближувањето на роковите, тие бараат постапките веднаш да бидат запрени, а Владата во рок од три работни дена писмено да ги извести за преземените дејствија.

26 ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ Бараат итно запирање на постапките за нови геолошки концесии
Фото: Принтскрин

Дваесет и шест граѓански организации, иницијативи и платформа побараа од Владата на РСМ итно да ги поништи или стави вон сила одлуките и јавните повици за доделување концесии за проспекциски геолошки истражувања на металични минерални суровини.

Барањето се однесува на Одлуката бр. 50-10567/13 од 23 декември 2025 година за просторот „Север–Североисток”, Одлуката бр. 57-4047/9 од 30 јуни 2026 година за просторот „Исток”, Јавниот повик 2/2026, како и на секој друг повик што би бил објавен врз основа на овие одлуки.

Организациите бараат Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини веднаш да ги запрат сите активности во постапките, вклучително приемот и евалуацијата на понудите и електронската аукција закажана за 6 август 2026 година.

Одлуките опфаќаат 29 општини во источниот дел на државата. Во значителен дел од овие простори веќе биле спроведувани проспекциски геолошки истражувања или биле доделени концесии за детално истражување и експлоатација на металични минерални суровини.

Според анализата на организациите, само од 2004 година наваму со различни видови концесии биле опфатени околу 100 проценти од териториите на Пробиштип, Делчево и Карбинци, 97 проценти од Пехчево, 94 проценти од Чешиново-Облешево, 89 проценти од Кратово, 87 проценти од Зрновци и Виница, 86 проценти од Радовиш, 85 проценти од Берово, итн.

Организациите предупредуваат дека значителни делови од просторите опфатени со Одлуките на Владата за доделување на нови концесии се преклопуваат со претходно истражени простори, постојни и претходни концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на металични минерални суровини.

Според нив, со тоа се повредува член 7-а став (2) од Законот за минерални суровини, кој забранува проспекциски истражувања на веќе истражени простори, простори за кои се води постапка по иницијатива за доделување на концесии за детални геолошки истражувања, веќе доделени простори под концесии за вршење на детални геолошки истражувања, концесии за експлоатација на минерални суровини.

„Министерството било должно пред доставувањето на предлогот до Владата точно да ги утврди границите и да ги исклучи сите законски забранети површини. Нивното вклучување во поширок концесиски полигон не е дозволено, ниту пак може да се исправи во подоцнежна фаза од постапката”, наведуваат организациите.

Поради приближувањето на роковите, тие бараат постапките веднаш да бидат запрени, а Владата во рок од три работни дена писмено да ги извести за преземените дејствија.

OИницијатива, лице за контакт: Ѓорѓи Танушев од Здрава Котлина, 078 345 054

Барањето до Владата може да го видите тука.

CATEGORIES
Share This