ШОК ВО УСТАВЕН СУД Судија си замина по само пет месеци, оставката стигна без најава

Гоце Наумовски, кој беше избран во февруари, ја доставил оставката до Собранието, но за одлуката не го известил претседателот на Уставниот суд.

ШОК ВО УСТАВЕН СУД Судија си замина по само пет месеци, оставката стигна без најава
Фото: Принтскрин

Уставниот судија Гоце Наумовски поднел оставка од судиската функција, само пет месеци по неговиот избор. Оставката е доставена до Собранието, од каде потврдиле дека е примена и архивирана, но сè уште не е формално проследена до претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Наумовски беше избран за судија на Уставниот суд во февруари годинава, по предлог на Собранието и со поддршка на владејачкото мнозинство.

Тој е професор на Катедрата за римско право при Правниот факултет „Јустинијан Први“. Пред изборот за уставен судија, бил советник на премиерот, а е брат на поранешниот вицепремиер за европски прашања, Васко Наумовски.

Од Уставниот суд информираа дека Наумовски не доставил официјално известување до институцијата за својата одлука, ниту го известил претседателот на Судот, Дарко Костадиновски. Тој денеска не присуствувал на седницата на Судот.

„До Судот од страна на судијата Гоце Наумовски не е доставена официјална информација дека поднесува оставка. Официјална потврда не е пристигната ниту од Собранието. Претседателот Костадиновски единствено доби потврда за оставката во телефонски разговор со претседателот на Собранието, Африм Гаши“, соопштија од Уставниот суд.

Неофицијално, како причина за оставката Наумовски навел лични причини.

CATEGORIES
Share This