ВАШИТЕ ФОТОГРАФИИ МОЖАТ ДА ЗАВРШАТ ВО AI СЛИКИ БЕЗ ДА ЗНАЕТЕ Instagram воведе спорна функција
Meta автоматски ги вклучи јавните профили во системот Muse Image, но постои едноставен начин да спречите други да ги користат вашите фотографии.

Meta го претстави својот нов генератор на слики со вештачка интелигенција – Muse Image, кој ќе биде достапен преку Instagram, Meta AI и WhatsApp. Компанијата тврди дека новата технологија нуди напредно разбирање на сложени барања и може да комбинира повеќе фотографии за создавање висококвалитетни визуелни содржини.
На Instagram, новата алатка носи 30 нови ефекти за Stories, меѓу кои и ефект што фотографиите ги претвора во стил на снимка направена со фотоапарат за еднократна употреба. Дополнително, корисниците ќе можат да ги прегледуваат ефектите директно во уредувачот на фотографии пред да ги применат.
Сепак, дел од новитетот предизвика сериозни реакции поради начинот на кој Meta го поставила користењето на јавните фотографии. Сите јавни Instagram профили автоматски се вклучени во можноста нивните фотографии да бидат користени за AI ремиксирање преку моделот Muse Image.
Тоа значи дека секој корисник може да го внесе вашето корисничко име во барање до Meta AI и да создаде нова слика базирана на ваши јавни фотографии. Meta ова го опишува како можност за креирање „визуелна содржина подготвена за објавување“, но критичарите предупредуваат дека функцијата може лесно да биде злоупотребена.
Добрата вест е дека корисниците можат да ја исклучат оваа опција, без притоа да мораат да го направат својот профил приватен.
За да го оневозможите користењето на вашите фотографии за AI ремикси, потребно е:
- Отворете ја апликацијата Instagram.
- Одете на вашиот профил.
- Притиснете го менито со три линии во горниот десен агол.
- Пронајдете ја опцијата „Sharing and reuse“.
- Исклучете ја поставката „Allow people to create with and reuse your content“ за објави и Reels.
Новата функција предизвика незадоволство кај дел од корисниците на Reddit и други платформи, најмногу поради фактот што профилите се автоматски вклучени во системот.
Дополнителна загриженост предизвикува тоа што корисниците нема да добијат известување доколку некој ја искористи нивната содржина за AI-креирање. Исто така, доколку некој веќе направил AI ремикс со вашите фотографии, тој нема автоматски да биде избришан откако ќе ја исклучите опцијата.
Новата функција на Meta отвора нови можности за креативност, но истовремено повторно го поставува прашањето за приватноста и контролата на корисниците врз сопствените фотографии на социјалните мрежи.


