ТРАМП ГО ИЗБРА ФИНАЛЕТО ЗА СВОЈОТ ГОЛЕМ НАСТАП Илјадници полицајци и мерки какви што не се видени досега

Американскиот претседател ќе го врачи пехарот, а околу стадионот ќе владее најстрог безбедносен режим досега.

ТРАМП ГО ИЗБРА ФИНАЛЕТО ЗА СВОЈОТ ГОЛЕМ НАСТАП Илјадници полицајци и мерки какви што не се видени досега
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп речиси целосно го избегнуваше јавниот дел од Светското првенство, но за најважниот натпревар од турнирот ќе направи исклучок. Трамп не присуствуваше на свеченото отворање во Мексико, не беше присутен ниту на првиот настап на американската репрезентација, а досега не се појави ниту на еден натпревар. Сепак, за финалната пресметка меѓу Шпанија и Аргентина во Њу Џерси неговото присуство е најавено.

Според американските медиуми, претседателот ќе биде на трибините и лично ќе го врачи шампионскиот трофеј на новиот светски првак. Неговото доаѓање автоматски го подигнува нивото на безбедност на највисока можна категорија.

Во американската јавност повторно се актуелизира таканаречениот „Trump Jinx“, популарното верување дека тимовите и спортистите кои ги поддржува претседателот често не успеваат да стигнат до победата. Како примери се наведуваат неколку спортски настани, меѓу кои и Суперболот во 2025 година, кога Канзас Сити Чифс загубија од Филаделфија Иглс, и други случаи кога фаворитите на кои Трамп им дал поддршка не ја освоиле титулата.

Посебна интрига пред финалето создаваат и неговите политички односи. Поради блиските врски со аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, дел од шпанските медиуми шпекулираат дека Трамп би можел да навива за Аргентина. Од друга страна, се потсетува и на неговите чести несогласувања со шпанската влада, што дополнително ја зголемува симболиката на моментот и токму Трамп може да му го предаде пехарот на тимот што политички не е близок до неговите ставови.

Присуството на американскиот претседател значително ќе го промени целиот безбедносен протокол околу „МетЛајф стадиумот“. Навивачите ќе бидат повикани да пристигнат неколку часа порано поради дополнителните проверки, а околината на стадионот ќе биде под посебен режим. Ќе има проширени безбедносни зони, затворени сообраќајници и дополнителни ограничувања во воздушниот простор. Американските безбедносни служби ќе користат специјализирана опрема за следење на потенцијални закани, вклучително и системи против беспилотни летала.

Илјадници федерални, државни и локални полицајци ќе бидат ангажирани под координација на Тајната служба, со цел заштита на претседателот, играчите, официјалните лица и навивачите. Причина за максималните мерки се проценките дека финалето на Светското првенство, со присуството на американскиот претседател и големиот број меѓународни гости, ќе биде еден од најчувствителните јавни настани во годината.

Така, дуелот меѓу Шпанија и Аргентина нема да биде само борба за светската титула, туку и глобален спектакл во кој вниманието ќе биде насочено и кон присуството на Доналд Трамп и беспрекорно организираната безбедносна операција.

CATEGORIES
TAGS
Share This