АПЕЛАЦИЈА ГИ ПОТВРДИ ДОЖИВОТНИТЕ КАЗНИ ЗА УБИСТВАТА НА ВАЊА И ПАНЧЕ Случајот за таткото на Вања се враќа на повторно судење

Апелациониот суд ги потврди доживотните казни за Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, додека ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски е укината и предметот е вратен на повторно судење.

АПЕЛАЦИЈА ГИ ПОТВРДИ ДОЖИВОТНИТЕ КАЗНИ ЗА УБИСТВАТА НА ВАЊА И ПАНЧЕ Случајот за таткото на Вања се враќа на повторно судење
Фото: Принтскрин

Апелациониот суд Скопје ги потврди доживотните затворски казни за Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, осудени за грабнувањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Истовремено, Судот ја укина ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и предметот во тој дел го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје.

Одлуката е донесена на нејавен дел од седница одржана на 10 јули, по претходно одржаната јавна седница на 11 мај, на која беа разгледани жалбите на странките во постапката.

Апелациониот суд ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 25 јуни 2025 година во делот што се однесува на четворицата осудени. Тие остануваат виновни за две кривични дела убиство и едно кривично дело грабнување, за што им е изречена казна доживотен затвор.

Во однос на Александар Ѓорчевски, Апелација ја уважи жалбата на Обвинителството и ја укина ослободителната пресуда за обвинението за помагање при грабнување, оценувајќи дека предметот треба повторно да се разгледа во првостепена постапка.

Од Судот информираат дека поради обемниот доказен материјал и сложеноста на предметот, во тек е изработката на писменото образложение на одлуката, кое ќе биде јавно објавено на веб-страницата на Апелациониот суд.

Првостепената пресуда беше изречена на 25 јуни 2025 година, кога четворицата обвинети беа осудени на доживотен затвор за грабнувањето и свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Тогаш, Основниот кривичен суд го ослободи Александар Ѓорчевски, образложувајќи дека обвинението против него не било докажано надвор од разумно сомнение.

Според обвинението, осудените испланирале да ја грабнат Вања со намера да изнудат пари од нејзиното семејство, додека Панче Жежовски бил грабнат за да им биде одземено неговото возило, кое потоа било искористено при извршувањето на грабнувањето на девојчето.

Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски исчезнаа кон крајот на ноември 2023 година, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември во близина на Скопје и Велес. Случајот предизвика силни реакции во јавноста и останува еден од најтешките кривични предмети во поновата историја на земјата.

CATEGORIES
Share This