ЌЕ ИМА ЛИ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ – Мицкоски: Спремни сме, а Изборниот законик тешко дека ќе помине
Премиерот порача дека Владата има мандат до 2028 година, но не бега од избори доколку опозицијата побара ново соочување со граѓаните.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не е оптимист оти денеска ќе биде постигнат договор за нов Изборен законик, обвинувајќи ја опозицијата за неодговорност и незрелост.
Тој повтори дека владејачката коалиција ќе го поддржи секое решение предложено од опозицијата, но под услов да биде вклучено гласањето на дијаспората. Според него, носењето на законот е важно и поради можноста Македонија да добие четири милиони евра европска поддршка.
Мицкоски порача дека Владата има стабилен мандат до пролетта 2028 година и дека приоритет останува исполнувањето на предизборните ветувања и реализацијата на проектите.
„Ние сме фокусирани на мандатот што го добивме од граѓаните, но доколку бидеме предизвикани, подготвени сме веднаш да одговориме на избори“, рече премиерот.
Тој ги повика опозициските партии да се договорат и да донесат Изборен законик, додавајќи дека европските реформи остануваат стратешка цел на Владата.


