МИЦКОСКИ: ТАЛИР 1 И ТАЛИР 2 БЕА ИЗМИСЛЕНИ СЛУЧАИ Судот ја поврза пресудата со измените на Кривичниот законик
Основниот кривичен суд оцени дека обвинителството не успеало да го докаже делото надвор од разумно сомнение.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја коментираше вчерашната ослободителна пресуда во случајот „Талир 2“, оценувајќи дека таа претставува потврда дека, како што рече, во минатото биле водени политички мотивирани процеси против ВМРО-ДПМНЕ.
„Во тој период ВМРО-ДПМНЕ беше под политички прогон и еден вид агресија од страна на претходната влада. Беа измислени случаи кои не постоеја – Талир 1 и Талир 2. Вчера конечно судот, во делот што се однесува на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, донесе пресуда која е во согласност со правдата и со очекувањата на граѓаните“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека делот од пресудата кој се однесува на обвинетиот, според неговото читање, е последица на измените на Кривичниот законик донесени во времето на претходната влада на СДСМ и ДУИ.
„Како резултат на тие измени имаше многу политички амнестии, а ќе има и во иднина. Кога еднаш ќе направите грешка, таа грешка потоа станува правило и ве следи“, рече премиерот.
Основниот кривичен суд Скопје вчера донесе ослободителна пресуда за обвинетиот Н.Г. во предметот познат како „Талир 2“. Судот оцени дека обвинителството не успеало надвор од разумно сомнение да докаже дека е сторено кривичното дело за кое се водеше постапката.
Во образложението, Судот наведува дека измените на Кривичниот законик од 2023 година суштински ги промениле елементите на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“. Според Судот, обвинителството го изменило обвинението, но не доставило нови докази со кои би се потврдиле новите законски услови за постоење на делото.
Од Судот посочија дека доказите во постапката останале исти како и во претходната фаза, но дека тие не биле доволни за докажување на изменетото обвинение, особено во делот на пречекорување на службените овластувања, неизвршување на службената должност и постоење на намера како задолжителен елемент на делото.
Судот нагласи дека ослободителната пресуда е директна последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, поради кои претходната првостепена пресуда била укината, што било констатирано и од Апелациониот суд.
Предметот „Талир“ со години беше меѓу најпознатите судски случаи поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Иако партијата не беше обвинета во оваа постапка, обвинителството бараше конфискација на нејзиниот имот.


